Muhammed Ali Gürtaş
31 Јануари 2018•Ажурирај: 01 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Секторот за туризам во Турција минатата година оствари приход од 26,3 милијарди долари, што е за 18,9 отсто повеќе во однос на претходната година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Заводот за статистика на Република Турција (TurkStat), објави извештај во кој се наведува дека туристичкиот сектор на оваа земја, во последниот квартал од минатата година, остварил приход од 6,1 милијарда долари, што е за 27,7 отсто повеќе во однос на истиот период 2016 година.
Вкупниот приход од турскиот туризам минатата година изнесуваше 26,3 милијарди долари, а во 2016 година изнесуваше 22,1 милијарда долари.
Во извештајот се наведува дека 77,4 отсто од вкупниот минатогодишен приход во турскиот туризам го донеле странските туристи, а 22,6 отсто турската дијаспора.
Во текот на 2017 година, Турција забележа доаѓање на 38,6 милиони посетители, што е, исто така, пораст од 23,1 отсто во однос на 2016 година.
Од ТуркСтат, исто така, соопштија дека туристите минатата година во Турција трошеле во просек по 681 долар. Турската дијаспора во просек трошела 903 долари, додека странските туристи за време на посетата трошеле во просек по 630 долари.
ТуркСтат, исто така, објави и извештај за извозот и увозот на Турција во текот на 2017 година.
Турција минатата година остварила извоз од 157,05 милијарда долари, што е за 10,2 отсто повеќе во однос на претходната година.
Вкупната странска трговска размена на Турција минатата година изнесува 390,84 милијарди долари, што е 14,56 отсто повеќе во однос на 2016 година.
Во извештајот се наведува дека Турција минатата година го зголемила и увозот за 17,7 отсто и направила увоз на роба во вкупна вредност од 233,79 милијарди долари. Вкупниот трговски дефицит на Турција минатата година изнесуваше 76,73 милијарди.
Најмногу роба Турција минатата година извезе во Германија, а увезе од Кина.