Admir Fazlagic
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на Северно-атлантската алијанса Јенс Столтенберг, преку соопштение до јавноста информираше дека утринава телефонски разговарал со новоизбраниот македонски премиер Зоран Заев на кого му честитал на синоќешниот избор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението Столтенберг истакнал дека на Заев му порачал дека НАТО има интерес од стабилна Македонија и стабилен Балкан.
„Денеска разговарав со премиерот Заев и му честитав на неговата нова одговорност. Во разговорот, ние се согласивме за важноста на решавањето на итно потребните реформи, вклучително и за добро владеење и владеење на правото. Овие реформи ќе бидат од корист за сите граѓани на БЈР Македонија, а и понатаму ќе ги унапредат евроатлантските аспирации на земјата. НАТО има интерес во стабилна, демократска и просперитетна земја, како дел од стабилен регион на Западен Балкан", истакнува Јенс Столтенберг во соопштението.
Меѓу другото, генералниот секретар на НАТО порача: „Како Скопје ќе прави напредок, така НАТО ќе продолжи да обезбедува поддршка, вклучително и преку својата канцеларија за врски на во главниот град."
Собранието на Република Македонија на синоќешната седница на која на дневниот ред беше изборот на Влада, во присуство на 111 пратеници, од кои 62 гласаа за, воздржани беа 5, а 44 беа против, беше избрана новата Влада на Република Македонија која ќе ја предводи Зоран Заев, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Во новата влада учествуваат претставници од три политички партии. Од редовите на СДСМ ќе има 17 министри, 6 од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и две министерства ќе ги водат министри предложени од Алијансата на Албанците.