Ekipa
12 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерката за семејство и социјална политика на Република Турција, Фатма Бетул Сајан Каја, изјави дека меѓународната заедница треба да го осуди скандалозниот потег на холандската влада кон турските официјални лица, новинари и цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мислам дека сите совесни и солидарни политичари од Западот синоќа увидоа и во себе го осудија однесувањето на холандската влада, а сметаме дека таа осуда треба и гласно да ја искажат. Тоа непочитување на дипломатските и човекови начела треба генерално да го осуди целата меѓународна јавност и светот”, порача министерката Каја во Истанбул.
Откако ја спречија посетата на турскиот конзулат во Ротердам, холандските власти и полицијата синоќа ја вратија турската министерка Каја во Германија, од каде што таа утрово се врати во Турција. По пристигнувањето на аеродромот Ататурк во Истанбул, на новинарите им раскажа за синоќешниот скандал во Холандија, лишена од сите права и слободи, и за начинот на нехуманиот и неетички однос на холандските власти кон неа и нејзината делегација.
„Навистина имавме тешка ноќ во Холандија, која постојано зборува за демократијата, слободите и слободата на изразување. Приведен е нашиот вршител на должност во турската амбасада во Ротердам, кој има ранг на амбасадор. Приведени се пет лица од моето обезебдување и мои советници. Мене ме извлекоа од моето возило и со полициска придружба ме префрлија во полицискиот центар на германската граница, каде што бевме принудени да чекаме час и половина. Навистина бевме изложени на груб однос”, рече министерката Каја.
„Знаете дека се откажуваат најавените програми на моите колеги - министри. Веруваме дека е потребно уште еднаш да го разгледаат преземањето на ваквиот став. Наша цел со посетите е во тие земји да се сретнеме со нашите државјани и да им го претставиме новиот претседателски систем за кој ќе се гласа на референдумот закажан за 16. април. Во потполност се прекршуваат правата на слобода на изразување и правото на собирање. Во Холандија вчеравечер беа суспендирани сите слободи. Синоќа беше спроведен многу нехуман третман врз турските државјани кои се собраа за средба со нас”, истакна министерката Каја.
„Холандија синоќа ги погази слободата на говорот, мислењето, слободата на мирно собирање, движење, суспендирајќи ги сите слободи. Кон нашите државјани кои се собраа пред конзулатот за да се сретнат со нас, исто така се однесуваа грубо и нехумано. Полицијата врз нив интервенираше со коњи, кочиња...”, рече министерката Каја.
Потсетувајќи дека холандската полиција синоќа на ист начин постапила и кон претставниците на медиумите, министерката Каја рече дека нападот врз новинарите се случил во Холандија, земја која постојано ја критикува Турција поради наводно загрозување на медиумската слобода.
„Синоќа во Холандија е прогласена вонредан состојба. За еден ден е прогласена вонредна состојба”, рече Каја.
Министерката Каја на истанбулскиот аеродром ја пречека турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, кој на новинарите им изјави дека изминатата ноќ е ноќ на срамот за демократијата во Европа.
Истакнувајќи дека Холандија направила голема грешка со таквиот потег кон турските официјални претставници и државјани, Албајрак изјави дека синоќа, пред очите на целиот свет, во Европа, која е колевка на демократијата, погазено е сè она што се смета за демократија, слобода и меѓународни стандарди.
„Тоа беше ноќ на срамот за Холандија и европската демократија од аспект на човековите права и слободи. Не знам дали за сето тоа може да се говори како за менталитет на фашизоиден нацизам, тоа ќе му го оставиме на народот да го процени”, рече Албајрак.
Нагласувајќи дека Република Турција е голема и силна држава, Албајрак порача дека ќе бидат преземени адекватни мерки во согласност со меѓународното право и демократијата.
Холандските власти вчера го спречија министерот за внатрешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Каја, да ги посетат своите дипломатски претставништва на таа земја и можноста да се сретнат со турската заедница во Холандија. Со полициска придружба, министерката Каја беше вратена во Германија, од каде што утрово пристигна во Турција.
Турското Министерство за надворешни работи го осуди актот на спречување на посетата и од амбасадорот на Холандија во таа земја, кој моментално е на одмор, побара извесен период да не се враќа на својата должност во Анкара. Забранет е влез и излез од амбасадата во Анкара и конзулатот во Истанбул поради безбедносни причини.