Dilara Zengin
06 Февруари 2019•Ажурирај: 07 Февруари 2019
АНТАРКТИК (АА) - ДИЛАРА ЗЕНГИН -
Тим турски научници создаваат облека посебно дизајнирана да ги издржи временските услови под нулата на Антарктикот, најстудениот континент во светот.
Според Џанер Филиз, инструктор во турската Академија на жандармерија и крајбрежна стража, проектот се спроведува во координација со Командата на Крајбрежната стража на Турција и во соработка со Турската планинарска федерација.
„Логистиката е главниот проблем на Антарктикот“, изјави Филиз за Anadolu Agencu (AA). „Многу е важно оние што работат таму да можат да се заштитат себеси.“
„Турските текстилни компании“, додаде тој, „ги обезбедија потребните суровини за проектот наречен Автохтона поларна облека.“
„Развиваме облека и заштитни материјали, вклучувајќи маски, долна облека, ракавици, чевли и капи - кои имаат високи стандарди за непропустливост на вода и за дишење“, истакна за АА Јалчин Јилдирим, директор на „Озјигит Текстил“, кој произведува облека за воените и државни институции.

„Ние често произведуваме и облека за екстремно студени климатски услови, но овој проект беше уникатен“, рече Јилдирим. „За краток временски период успеавме да направиме облека врз основа на нашето искуство.“
Проектот, кој е поддржан и од турското Претседателство, Министерството за индустрија и технологија и Центарот за поларни истражувања при Истанбулскиот технички универзитет (како и од други турски универзитети), ќе вклучи низа научни истражувања кои ќе бидат спроведени во следните 30 дена.
Тим од тројца новинари на АА, Дилара Зенгин, Озге Елиф Кизил и Сервет Улку, ќе ги следат истражувањата за време на престојот на Антарктикот, кои започнаа во октомври минатата година.
Центарот за поларни истражувања е основан на Антарктикот во 2015 година, со цел спроведување на истражувања и издигнување на Турција во меѓународната научна заедница.
Во април 2016 година, првиот турски тим истражувачи - вклучувајќи медицинари, ботаничари, геолози и океанограф од седум универзитети, отпатуваа за Антарктикот за да го проучуваат влијанието на климатските промени.
Антарктикот, најстудениот континент на планетата, важи како зона за научно истражување од потпишувањето на Антарктичкиот договор во 1959 година.
Турција, која моментно има статус на набљудувач меѓу земјите потписнички на Договорот, се надева дека ќе добие советодавен статус.
Најниската температура регистрирана на Антарктикот изнесувала - 89 Целзиусови степени, и била забележана во 1983 година.
Во текот на летните месеци, температурите на континентот можат да достигнат до -15 степени Целзиусови.