Şengül Oymak
16 Јули 2019•Ажурирај: 21 Јули 2019
КОЏАЕЛИ
На континентот Антарктик, истражувања во 2016 година спроведуваше научна екипа од Турција, а дел од тој тим беше и доц. д-р Халим Ајтекин Ерѓул, раководител на Одделот за зоологија на Катедрата за биологија при Факултетот за уметности и науки од Универзитетот „Коџаели“. Доц. д-р Ерѓул, во рамките на проектот „Истражување на токсични и биогени компоненти во седиментот и биота-примероци на Антарктикот“ го истражуваше влијанието на хемикалиите поврзани со индустријализацијата врз животните услови на континентот.
Д-р Ерѓул за АА изјави дека 13 научници од седум универзитети во Турција во 2016 година спровеле двонеделно истражување на Антарктикот, потсетувајќи дека оваа научна експедиција, под раководство на проф. д-р Бајрам Озтурк, претставува прва од тој вид во историјата на турската наука.
Д-р Ерѓул информираше дека оваа екипа ги истражувала климатските промени, глечерите, туѓите видови, загадувањето, морската биолошка разновидност, просторите за заштита, морските цицачи и ботанички прашања, додавајќи дека Антарктикот е единствениот континент на кој, освен за научни истражувања, не живеел никој друг и дека на тие простори не била водена ниту една војна и не била пролеана ничија крв за поделба на териториите.
Д-р Ерѓул истакна дека веќе ги добиваат резултатите од научните истражувања започнати во 2016 година, и додаде „Со користење на податоците до кои дојдоа нашите колеги за време на експедицијата, досега се објавени пет научни труда. Сѐ уште има трудови кои се разгледуваат и кои се во фаза на објавување.“
- „Видовме дека има траги од пестициди и инсектициди“
Велејќи дека се завршени истражувањата за ефектите на индустријализацијата, д-р Ерѓул продолжи со зборовите:
„Јас особено бев фокусиран на истражувањето на акумулацијата на загадувачките супстанции во рибите за исхрана. Моето истражување беше за количеството акумулирани загадувачки супстанции, за нафтените деривати, соединенијата од дериватите на диоксин и пестицидите, кои можат да покажат канцерогени ефекти и при мали количества кај овие видови риби. За жал, докажавме дека сите три хемиски соединенија се застапени на овој континент и споредувајќи со претходно изготвените извештаи за континентот, за првпат покажавме дека хемикалиите стигнале дотаму. Всушност, финалните резултати се многу интересни. Забележавме дека на континентот Антарктик постои хемикалијата ДДТ (пестициди и инсектициди), која широко се користеше во периодот од 1940 до 1970 година, а која потоа беше забранета.“
- „Ниту Антарктикот не е блескаво чист“
Доц. д-р Ерѓул истакна дека е јасно дека на Антарктикот нема земјоделство и дека овие хемикалии таму пристигнале преку атмосферата, додавајќи дека по распарчувањето на ДДТ се создаваат деривати кои се пренесуваат врзувајќи се во синџирот на исхрана, и продолжи со зборовите:
„Зголемувањето на производството на некои хемикалии, првенствено на лековите за земјоделство, кое растеше паралелно со индустријализацијата и зголемувањето на светската популација, преку атмосферсктие движења стигнале до Антарктикот. Индустријализацијата, постојаното зголемување на светската популација, модерното земјоделство се фактори кои доведоа до овие негативни резултати. Се разбира дека покрај атмосферското пренесување, постојат и други ефикасни елементи, но особен придонес во атмосферското пренесување има температурата, која придонесува за молекуларното раздвижување. На Антарктикот се случува нешто многу интересно. Таму е многу ладно. Под влијание на топлината, дотаму се пренесуваат молекулите и бидејќи повеќе не се соочуваат со друга топлина, остануваат таму. Поради тоа има места каде што се крајни депонии на загадувачите.“
Како друга активност во загадувањето, д-р Ерѓул ги спомена туристичките активности кои се случуваат во летниот период. „Иако ова може да бидат многу внимателни активности, може да се забележи дека дел од акумулациите можат да потекнуваат од некои отпадоци од бродовите. Затоа, иако важи за најчисто место на светот, човечкиот род на некој начин влијае и врз тоа подрачје. За жал, и Антарктикот го доби својот дел од ефектите на индустријализацијата и зголемувањето на светската популација. Затоа Антартикот не е блескаво чист. За жал, можеме да забележиме дека и таму доаѓа до акумулирање на загадувачите. Кога загадувачите ќе се поврзат во системот за исхрана, можеме да забележиме дека се вградени во ткивото на рибите“, истакна доц. д-р Ерѓул.