Nilay Kar
01 Мај 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја започна својата дводневна официјална посета на Индија состанувајќи се со лидерите и положувајќи венец на споменикот на познатиот индиски активист за независност, Махатма Ганди, јавува nadolu Agency (AA).
Ердоган во Индија беше пречекан од својот колега Пранаб Мукерџи и од премиерот Нарендра Моди, во претседателската палата во Њу Делхи, со почесна стрелба како дел од официјалната церемонија.
Турскиот претседател подоцна положи венец на споменикот на Махатма Ганди, меѓународно познатиот пацифист и активист за независност на Индија од тогашната Британска империја.
Турскиот лидер беше придружуван од министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за економија, Нихат Зејбекџи, министерот за енергија, Берат Албајрак, министерот за култура и туризам, Наби Авџи како и од началникот на Генералштабот, Хулуси Акар.
Дводневната посета на Ердоган е прва посета на претседателско ниво од Турција во Индија во последните седум години.
Се очекува двајцата лидери да разговараат за борбата против тероризмот, напорите за зајакнување на билатералните односи, спречување на активноста на ФЕТО во Индија како и за членството на Њу Делхи во Групата со нуклеарни снабдувачи (NSG).
Исто така, се очекува при посетата претседателот да ја потпише програмата за културна размена меѓу двете земји.
Индија, земја со втора по бројност муслиманска популација во светот, е член од Г20 и е една од таканаречените БРИКС земји (група на пет големи економии во развој, заедно со Бразил, Русија, Кина и Јужна Африка).