Nuri Aydın
28 Мај 2021•Ажурирај: 29 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Во Индија, која е една од најпогодените земји во светот од епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), во последните 24 часа починаа 3.847 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија соопшти дека во последните 24 часа се детектирани 186.364 лица позитивни на новиот тип коронавирус, што е најниска бројка во последните 44 дена. Во истиот период од последици предизвикани од Ковид-19 починаа 3.660 лица.
Бројот на новозаразени во Индија се зголеми над 100.000 на 4 април, на 15 април над 200.000, на 21 април се искачи над 300.000, а на 30 април бројката на новозаразени надмина 400.000.
Вкупниот број на лица заразени со Ковид-19 изнесува 27.555.457, од кои битката со вирусот ја изгубија 318.895 лица. Досега оздравеа 24.893.410 лица заразени со Ковид-19, а во моментов продолжува лекувањето на 2.343.152 заразени.
Експертите предупредуваат дека точната бројка на заразени и смртни случаи предизвикани од Ковид-19 би можела да биде многу повисока.
- Во Индија администрирани над 205 милиони вакцини -
Во Индија досега се дадени 205.720.000 дози вакцини, од започнувањето на кампањата за вакцинација на 16 јануари досега.
Вакцинацијата во Индија со население од околу 1,4 милијарди сè уште не го достигна посакуваното ниво за да може да се запре епидемијата.
Според интернет-страницата „Worldometers“, која секојдневно ги ажурира податоците поврзани со пандемијата на коронавирусот на светско ниво, Индија е втора земја во светот според бројката на лица кај кои е детектиран коронавирусот, а трета според бројката на починати.