Merve Aydoğan
19 Јули 2018•Ажурирај: 20 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турција денес ги осуди нападите на режимот на Башар ал Асад во југозападна Дера и Кунејтра, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, на прес-конференцијата се осврна на цивилните жртви во Дера и Кунејтра во Сирија, како и за активностите на работните групи на Турција и САД во врска со одредени прашања.
„Строго ги осудуваме овие напади. Тие претставуваат саботажа на напорите во Астана и Женева за намалување на насилството и пронаоѓање на политичко решение на кризата“, истакна портпаролот Аксој.
„Не сакаме сценариото кое се случи во Источна Гута, Северен Хомс и сега во југозападна Сирија, да се случи и во Идлиб“, додаде тој.
Аксој, исто така се осврна и на телефонскиот разговор на турскиот претседател со неговиот руски колега Владимир Путин на 14 јули, велејќи дека доколку режимот напредува кон Идлиб, Договорот од Астана ќе пропадне. Понатаму, нагласи дека режимот се обидува да пронајде решение за кризата преку воени начини и дека тие нема да доведат до „легитимно владеење“.
По мировните преговори одржани минатата година во Астана, Дера и Кунејтра беа прогласени за „зони без судири“.
Осврнувајќи се на состанокот на работните групи на Турција и САД одржан на 13 јули, Аксој изјави: „За време на состанокот, ние посебно ги повикавме САД да не ги одложуваат активностите кои се однесуваат на терористичката организација ФЕТО.“
Тој нагласи дека за време на неодамнешниот состанок на работната група било дискутирано за прашањата кои се однесуваат на испорачувањето на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, американското судење на поранешниот заменик-извршен директор на „Халкбанк“, Хакан Атила, потоа за судската соработка меѓу двете земји и за затворените американски граѓани во Турција.
По посетата на поранешниот американски државен секретар Рекс Тилерсон во Анкара, во февруари, Турција и САД воспоставија механизам за решавање на одредени прашања во работните групи, вклучувајќи го стабилизирањето на ситуацијата во северниот сириски град Мунбич и спречувањето несакани судири.