Ekipa
09 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Република Турција, Хами Аксој, најави увид во зградата на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во истрагата за исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Аксој упати соопштение на прашањето за состојбата на државјанинот на Саудиска Арабија, Кашоги.
Тој додава дека во интензивната истрага со која би требало да биде утврдена ситуацијата со исчезнатиот новинар, вклучени се правосудните органи, припадниците на безбедносните сили и разузнавачките служби.
„Иако објектите на Конзулатот, согласно Виенската конвенција за конзуларните односи, имаат имунитет, со согласност на шефот на дипломатската мисија, органите на власта на земјата домаќин можат да направат увид. Саудиските власти изјавија дека се подготвени на соработка и дека е можно да се направи преглед на објектот на Конзулатот. Во рамките на истрагата ќе биде прегледана зградата на Конзулатот“, појасни Аксој.
- Саудиска Арабија ги повика турските експерти во Конзулатот во Истанбул
Саудиска Арабија ги покани турските експерти и надлежните лица да го посетат нејзиниот Конзулат во Истанбул заради случајот на исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги по влегувањето во овој Конзулат.
Според информациите добиени од дипломатските извори, во нотата на саудиските власти испратена до турското Министерство за надворешни работи, се покануваат турските експерти и надлежни лица да го посетат Конзулатот во Истанбул.
„Тргнувајќи од принципот за соработка со Владата на Република Турција, и од она што му дава важност на откривањето на вистината околу исчезнувањето на Џамал Ахмад Кашоги, син на Хамза, државјанин на Саудиска Арабија, Кралството на Саудиска Арабија ја изразува својата почит кон братската Република Турција и ги поканува турските експерти и надлежните лице да го посетат Конзулатот во Истанбул“, се вели во саудиската нота испратена до турското МНР.
Кашоги е новинар во весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), а давал придонес и во весникот „Ал ватан“ (Ал Watan), кој е важна платформа за саудиските реформисти. Тој минатиот вторник исчезна откако влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул.