Sefa Mutlu
15 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудиските претставници од работната група за исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги, пристигнаа во зградата на Конзулатот во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на Саудиска Арабија пред зградата, која се наоѓа во населбата Левент, пристигнаа со автомобили со цивилни регистарски таблички, по што влегоа во конзулатот.

Да потсетиме, Турција и Саудиска Арабија вечерва ќе започнат заедничка истрага за случајот со исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Неименуван дипломатски извор за АА рече дека заедничката истрага за тој случај е неминовна и дека би требало да започне вечерва.

Започнувањето на заедничката истрага е чекор што уследи еден ден по телефонскиот разговор на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со саудискиот крал Селман бин Абдулазиз.
Кашоги, новинар и колумнист на весникот „The Washington Post“ (Вашингтон пост), исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој е познат како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Во Турција започна истрага за неговото исчезнување, а репортер на „Rеuters“ (Ројтерс) претходно јави дека Кашоги е убиен во конзулатот, откако неколку дена поминал како заложник. Истото тврдење го изнесе и Здружението на турски и арапски медиуми, од каде тврдат дека имаат и докази.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно отворено ѝ се закани дека Саудиска Арабија дека ќе се соочи со сериозни казни ако излезат како вистинити тврдењата дека новинарот е убиен во комплексот на конзулатот.
Од друга страна, владата на Саудиска Арабија вчера порача дека остро се противи и дека ќе одговори на сите закани и обиди за наметнување на економски санкции поради случајот на исчезнувањето на новинарот.