Sarp Özer
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на турската влада, Бекир Боздаг, денеска во Анкара соопшти дека турската влада, по препорака на Советот за национална безбедност, го затвора својот воздушен простор за летовите од и кон Регионалната курдска управа во северен Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Авионите повеќе нема да можат да летаат над турскиот воздушен простор кон аеродромите на подрачјето на Регионалната курдска управа, ниту пак авионите кои полетуваат од тој регион ќе можат да го користат турскиот воздушен простор“, појасни Боздаг.
Продолжување на вонредната состојба за 3 месеци
Вицепремиерот и портпарол на турската влада, Бекир Боздаг во своето обраќање пред медиумите додаде:
„Владата на Турција донесе одлука вонредната состојба во земјата да биде продолжена за уште 3 месеци. Одлуката е проследена до Големото Народно собрание на Република Турција на усвојување“.
Одлуката за продолжување на вонредната состојба во земјата за уште 3 месеци би требало да стапи на сила на 19. октомври.
Да потсетиме, Советот на националната сигурност на Република Турција утрово ја усвои препораката на Владата да ја продолжи вонредната состојба во земјата поради поефикасна борба против тероризмот.
„Советот на утринската седница ја разгледуваше вонредната состојба која е на сила поради борбата против сите терористички организации, вклучувајќи ги и ФЕТО/ПДЈ, КК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ, и ја усвои препораката на владата да ја продолжи вонредната состојба поради продолжување на мерките за заштита на демократијата, правната држава, правата и слободите на граѓаните“, се наведува во одлуката на Советот на националната сигурност со кој утрово во Анкара раководеше претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.