Kemal Karadağ
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
АНКАРА (АА) - По одлуката за измени на Законот за извршување казнени санкции, денес попладне ќе започне процесот за пуштање на условна слобода на затвореници во Турција. Според турскиот министер за правда, станува збор за околу 38.000 затвореници, јавува Anadolu Agency (AA).
Со одлука на турската Влада, воведени се две измени на Законот за извршување казнени санкции коишто се однесуваат на затворениците осудени за дела извршени пред 1 јули оваа година.
Првата измена се однесува на продолжување на отслужувањето на казната од една на две години условно. Така, затворениците на кои до излегувањето од затвор на условна слобода им останале две години или помалку, со зголемени мерки на забрана сега ќе можат да бидат пуштени од затвор.
Втората измена се однесува на осудените лица на затворска казна кои, според претходните одредби, правото на условна слобода го добиваа по одлежани две третини од казната. Со новата одлука, исто така, со засилени мерки на забрана, ќе имаат право на условна слобода по одлежана една половина од казната затвор.
Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, преку социјалната мрежа Твитер соопшти дека во првата фаза на примената на измените на Законот за извршување казнени санкции, од затвор ќе бидат пуштени 38.000 затвореници.
Министерството за правда објасни дека се работи за 38.000 затвореници кои во согласност со измените, од 17 август, добиле право да излезат од затвор, а во иднина такви права ќе добијат и другите затвореници, во согласност со времето поминато в затвор.
Надлежните обвинителства веќе го започнаа процесот на проверка и обработка на податоците за пуштање на затворениците кои со измените порано стекнале право на условна слобода.
Од обвинителството е соопштено дека првите затвореници од затворите од отворен и од затворен тип на условна слобода ќе бидат пуштени денес, во попладневните часови.
Затворите на Дирекцијата за казнено-поправни установи при турското Министерство за правда имаат капацитет од 187.351 затвореници, а заклучно со 16. август, во овие институции казна отслужуваат 213.499 осудени и притворени.
Со пуштањето на слобода на 38.000 затвореници кои со измените на споменатиот Закон добија право на условна слобода, во турските затвори ќе останат 175.499 затвореници.