Burcu Arik
31 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Врховната изборна комисија на Република Турција (YSK) ја објави конечната листа на кандидати за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во земјата на 24 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Листите на кандидати за сите турски области се објавени рано утринава и во Службениот весник на Турција.
На парламентарните избори во Турција ќе учествуваат вкупно осум политички партии, вклучително и владејачката Партија на правдата и развојот (АK Parti), опозициската Народна републиканска партија (CHP) и Партијата на национално движење (MHP).
Покрај трите најголеми турски политички партии на изборите во јуни ќе учествуваат и Народната демократска партија (HDP), партијата Саадет, партијата Ватан, партијата ХУДА и релативно новата политичка партија во Турција, Партијата IYI.
На кандидатските листи за влез во новиот состав на Големото народно собрание на Република Турција се наоѓаат вкупно 68 независни кандидати.
За првпат на избори во Турција политичките партии ќе настапат здружени во сојуз и во алијанса. Владејачката АК Партија на изборите ќе настапи во состав на Народната алијанса во која е и досегашната опозициска Партија на национално движење (MHP). Најсилната опозициска Народна републиканска партија (CHP) влезе во Националната алијанса во која се и новоформираната Партија IYI, партијата Саадет и Демократската партија.
Паралелно со парламентарните, во Турција на 24 јуни ќе се одржат и претседателски избори.
Вкупно шест кандидати учествуваат во изборната трка за претседател на Турција, а покрај актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, учествуваат Мухарем Инџе, Мерал Акшенер, Селахатин Демирташ, Темел Карамолаоглу и Догу Перинчек.
Претстојниот изборен процес е важен поради фактот што Турција по изборите преминува од парламентарен во претседателски систем на управување.
Турскиот Парламент во април усвои пакет измени и дополнувања на законите кои се однесуваат на усогласување на нормите и спроведување на уставната реформа, што беше одобрена на минатогодишниот референдум, а со која Турција преминува од парламентарен во претседателски систем на управување.
Со усвоениот пакет е усогласен и Изборниот закон на Турција според кој ќе бидат одржани и претстојните предвремени претседателски и парламентарни избори.
Согласно уставните измени се укинува позицијата премиер, а извршната власт по изборите ја презема претседателот на државата. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во Парламентот, со тоа што Парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратеници.
Претседателот на државата и Парламентот се бираат на мандат од пет години.