Zafer Fatih Beyaz
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
АНКАРА (АА) - ЗАФЕР ФАТИХ БЕЈАЗ - Во рамките на главната судска постапка против терористичката организација ФЕТО, Турција бара испорачување на 54 обвинети лица за кои е утврдено дека побегнале во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Покровителната судска постапка против ФЕТО се води пред 4. Кривичен суд во Анкара, а Судот на турското Министерство за правда ги достави барањата за испорачување на 54 бегалци од вкупно 24 земји.

Челниците на ФЕТО, кои се обвинети во главниот судски процес, вклучувајќи го и водачот на оваа организација, Фетула Ѓулен, побегнаа од турските органи на гонење и утврдено е дека се наоѓаат во 24 земји низ светот.
Турција ќе бара испорачување на бегалците од САД, Велика Британија, Израел, Германија, Белгија, Норвешка, Молдавија, Нигерија, Камбоџа, Тајланд, Мадагаскар, Малта, Буркина Фасо, Мозамбик, Египет, Туркеменистан, Киргистан, Казахстан, Албанија, Холандија, Того, ЈАР, ОАР и Узбекистан.
Покрај водачот на ФЕТО, Ѓулен, Турција, меѓу останатите, од властите на САД ќе бара испорачување и на поранешниот главен уредник на весникот „Заман“, Екрем Думанли, имамот на ФЕТО во правосудството, Ахмет Џан, секретарот на Ѓулен, Џевдет Туркјолу, имамот на ФЕТО во полициските и воени академии, Саит Аксој, главниот координатор на ФЕТО во странство, Али Урсаваш, поранешниот челник на Управниот одбор на банката „Asia“, Мустафа Талат Катирџиоглу, како и Шереф Али Текалан, кој минатата година беше именуван за ректор на Универзитетот „North American“ во Тексас.
Од САД се бара и испорачување на поранешниот генерален директор на весникот „Заман“, Реџеп Узанли, личните лекари на Ѓулен, Тунџај Делибаш и Кудрет Унал и генералниот секретар на TUSKON, Мустафа Мухамет Ѓунај.
Турција и од Велика Британија бара испорачување на ФЕТО-бегалците, меѓу кои и на челникот на холдингот „Koza-Ipek“, Хамди Акин Ипек и на поранешниот претседател на Управниот одбор на банката „Asia“, Али Челик.
Едно од барањата за испорачување ќе биде испратено и до властите на Албанија, во која според сознанијата се наоѓа еден од челниците на ФЕТО, Невзат Ајваџи.
Од Германија, Турција исто така бара испорачување на бегалците, меѓу кои и на Абдулах Ајтамаз, кој се смета за второ име во хиерархијата на терористичката организација ФЕТО.
Меѓу подготвените барања за испорачување на Турција е и она со името Мустафа Озџан, кој се смета за ФЕТО-имам за Балканот, а кој престојува во Казахстан.
Турција бара испорачување на вкупно пет обвинети лица од повеќе земји во кои е утврдено дека тие престојувале. Станува збор за бегалци на ФЕТО против кои е подигнато обвинение во Анкара пред 15 јули 2016 година и обидот за воен удар кој го извршија припадниците на оваа терористичка организација, претходно инфилтрирани во војската, полицијата и во другите турски институции.
Групата, меѓу останатото, се товари за обид за окупација на државните институции, рушење на уставно-правниот поредок во Турција и воспоставување на авторитарна олигархија.