Ahmet Sait Akçay
01 Март 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
АНКАРА (АА) - Полицијата денес приведе десетици осомничени членови во повеќе области во земјата, како дел од операцијата против терористичката организација ФЕТО, вели полициски извор, јавува Anadolu Agency (AA).
Според анонимниот извор, полицијата досега има приведено 71 лице во 18 турски области, откако од канцеларијата на јавниот обвинител во централната турска област Коња беа издадени налози за приведување на 98 осомничени лица.
Изворот додава дека 25 од осомничените се задржани во притвор.
Локални полициски извори зборуваа и за неколку други операции извршени денес.
Во соопштението издадено од страна на полицискиот оддел на јужната турска област Анталија се вели дека тројца осомничени се приведени во ова подрачје, поради сомнение дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО. Двајца поранешни наставници се приведени во југоисточната област Адијаман.
Во истовремени операции спроведени од страна на шефот на канцеларијата на јавниот обвинител во Баликесир во пет области, притворени се 26 поранешни наставници поради користење на апликацијата за кодирани пораки „БајЛок“.
Во југоисточната турска област Ерзинџан, локалниот суд задржа во притвор 18 поранешни полициски службеници во врска со апликацијата „БајЛок“.
Шест осомничени лица во северната област Самсун и тројца во северозападната област Бурса, исто така беа притворени како дел од истрагата за ФЕТО.
Осомничените се товарат за членување во вооружена терористичка организација, за управување со неа и за финансирање на тероризмот.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, стои зад неуспешниот обид за државен удар што се случи минатата година во Турција, при кој загинаа 248 лица, а околу 2.200 беа повредени.