Göksel Yıldırım
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за индустрија и технологија на Република Турција, Мустафа Варанк, ја посети лабораторијата на Истражувачкиот центар Мармара (MAM) во коj Советот за научни и технички истражувања на Турција (ТУБИТАК) работи на развивањето лек за терапии за лекување карцином на главата и вратот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството се наведува дека министерот Варанк е информиран за сите фази на проектот кој во Турција се спрведува под називот Развој и производство на биослични лекови за терапија на лекување карцином (BIOSIM).
Варанк истакна дека со денешната посета сака да искаже апсолутна поддршка на проектот, а тоа беше можност и за првото снимање во лабораторијата во која се работи на развојот на биосличен лек за карцином.

„БИОСИМ е проект за развој на биосличен лек за рак на главата и вратот. Пријателите што работат тука нè информираа за процесот. Ова е исклучително важна технологија. Постојат уште 180 биослични лекови што ќе можеме да ги произведуваме. Со развојот на оваа технологија и инфраструктура сакаме тие лекови да ги произведуваме во Турција и парите да остануваат во нашата земја. БИОСИМ лекот за рак е произведен во лабораторијата во соработка со јавниот и индустрискиот сектор, и со поддршка на Министерството за здравство. На фирмата ќе биде предаден во мај следната година. Лекот треба да помине уште неколку фази на претклинички и клинички процеси со цел конечно да го најде своето место во аптеките, и да почне да служи за лечење на заболените“, рече Варанк.
Директорот на Институтот на ТУБИТАК за инженеринг и биотехнологија, Шабан Текин, истакна дека станува збор за многу важен успех на турските научници кои од генот произведуваат клетки.
„Развиваме клетки кои развиваат антитела. Клетките што ги развивме ќе бидат предадени на фирмата која ќе изврши клинички постапки и ќе побара лиценцирање на лекот за негово пуштање во комерцијален тек“, нагласи Текин.
Истакнувајќи дека развиениот биосличен лек ќе се произведува во дози од 100 милиграми, Текин рече дека вредноста на еден килограм од тој лек надминува еден милион американски долари.

„Ова се производи со толку голема вредност. Турција сега ја учи оваа технологија“, рече Текин.
Во делегацијата која ја посети лабораторијата беа и заменикот турски министер за индустрија и технологија, Мехмет Фатих Каџир, шефот на центарот МАМ, Ибрахим Киличарслан, и гувернерот на турската област Коџаели Хусеин Аксој.
Од Министерството се наведува дека за лекување на карциномот воглавно се користи хемотерапијата, но дека во изминатите неколку години сè позастапена е употребата на биотехнолошките лекови. Станува збор за лекови кои се добиваат со високотехнолошки методи на молекуларната биологија и генетика, и тоа со употреба на живи клетки. Најчесто користени биотехнолошки лекови се рекомбинантните антитела. Тие антитела цело делуваат само на канцерогените клетки во телото на пациентот и тоа на начин што се врзуваат за нив и го оневозможуваат нивниот понатамошен развој.
Фармацевтската индустрија има голем истражувачки и развоен потенцијал. Затоа Турција го започна проектот „Национални технологии“ со кој се инвестира во развојот на домашните производи во сите сектори, вклучувајќи го и производството на лекови. Турција моментално ги увезува сите биотехнолошки лекови, но со ваквите проекти сака да има и домашен производ кој се смета за продукт на напредната технологија.
Фармацевтскиот светски пазар има вредност од 1,2 трилиони долари, од кои биотехнолошките лекови имаат удел од 260 милијарди долари. Лековите на чие производство работи Турција во моментов ќе бидат значително поевтини од увозните, а извесно е дека ќе се извезуваат и во други земји.