Ali Cura
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
КИЕВ (АА) - Премиерот на Украина, Владимир Гројсман изјави дека Украинците добро ја познаваат Турција и нејзините туристички потенцијали, и дека на нивна радост ќе биде потпишан билатерален договор меѓу Украина и Турција, со кој државјаните на двете земји ќе можат да патуваат без пасош и со нови лични карти, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на украинската Влада, Владимир Гројсман утре и задутре ќе престојува во официјална посета на Република Турција, а во интервју за АА истакна дека билатералните односи на Киев и Анкара се на стратешко ниво и дека постојат потенцијали за поинтензивна и поефикасна билатерална соработка во сите сектори, што ќе биде главна тема на неговата посета на Анкара.
Годишната трговска размена меѓу Турција и Украина изнесува околу 3,5 милијарди долари, а во изминатите неколку години таа забележа пад поради кризата во Украина.
„И покрај сѐ, донесовме одлука за воспоставување на слободна трговска зона и работиме на подготовките за тоа. Тоа е важно за да се зголеми трговската размена и заемните инвестиции. Затоа, со мене во Анкара патува и делегацијата на официјалните претставници од секторот економија“, изјави Гројсман.
Непосредно пред посетата на Анкара, Гројсман неодамна, во Киев се состана со турските инвеститори и бизнисмени кои работат во неговата земја, а во таа пригода разговараа за деловната атмосфера и за ситуацијата на пазарот на труд во Украина.
„Можам да кажам дека ситуацијата е добра и дека владата работи за на домашните и на странските бизнисмени да им обезбеди можност за деловен успех. Нашата цел е во наредниот период да ги олесниме бирократските процедури и да ги подобриме условите за работа во земјата“, изјави Гројсман.
Тој понатаму рече дека посебен потенцијал за унапредување на украинско-турските односи лежи во туризмот. Гројсман истакна дека во просек, годишно во Турција на одмор патуваат милион Украинци, а дека за 28 отсто е зголемен и бројот на туристите во Украина.
„За време на мојата посета на Турција ќе биде направен голем чекор напред. Ќе потпишеме договор меѓу владите на двете земји што ќе им овозможи на Украинците да патуваат во Турција и на Турците да патуваат во Украина со лична карта. Тоа ќе ја наметне потребата и за зголемување на бројот на авионските линии помеѓу двете земји, но ќе зборуваме и за тоа. Украинците добро ја познаваат Турција и нејзините туристички потенцијали“, изјави Гројсман.
Тој нагласи дека темите на неговите средби со турските официјални претставници во Анкара ќе бидат интензивирање на соработката меѓу двете земји и во секторите одбрана, индустрија, авијација, земјоделство, инфраструктура и во други сфери.
„Како што Украина за Турција е стратешки партнер, така и Турција за Украина претставува стратешки партнер. Важно е да ги користиме потенцијалите на нашите држави“, заклучи Гројсман.
Потсетувајќи дека оваа година се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Украина и Турција, Гројсман истакна дека ѝ е благодарен на Турција и на нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган за поддршката во зачувувањето на територијалната целовитост на Украина во тешкиот период низ кој поминува таа земја.
Тој додаде дека Турција ѝ дава голема поддршка на Украина во решавањето на проблемите на татарската заедница по илегалната руска анексија на Крим.