Seda Sevencan
14 Мај 2025•Ажурирај: 15 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја пофали значајната улога на Турција во мировните преговори во Истанбул, со цел решавање на украинскиот конфликт, велејќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е неверојатен лидер во рамките на НАТО и навистина почитуван од колегите, јавува Анадолу.
„Мислам дека постои 'прозорец на можност' оваа недела, но и следните 10 дена, две недели, навистина да го доведеме целото прашање на Украина на подобро место. Под водство, се разбира, на претседателот (Владимир) Зеленски, но исто така и под водство на американската Влада. А Турција игра голема улога тука“, изјави Руте за Анадолу, осврнувајќи се на мировните преговори во Истанбул.
Во врска со продажбата на „Еурофајтер“ на Турција, Руте рече: „Охрабрувам да не се наметнуваат ограничувања за продажба на оружје од еден сојузник на друг. Ова не треба да се случува во рамките на алијансата.“
Тој дополнително ја нагласи важноста на турската одбранбена индустрија за НАТО, велејќи: „Турската одбранбена индустрија е клучна за целокупната алијанса.“
„На пример, во Тексас има фабрики што произведуваат муниција. Тие не може да го сторат тоа без тесна соработка со компаниите тука во Турција. Ова е само еден од многуте примери.“
Коментирајќи го распуштањето на терористичката организација ПКК, тој рече: „Знаеме дека Турција, генерално, е еден од сојузниците во НАТО што најтешко се погодени од терористички напади.“