Adsız Günebakan
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
ГАЗИАНТЕП (АА) - Адсиз Ѓунебакан - Поранешниот подофицер и покајник О.Б,. кому во Турција му се суди во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО, потврди дека припадниците на организацијата често користеле кодни имиња, меѓу кои и името „Роберто Карлос“.
На О.Б. му се суди за членство во терористичка организација, а поради информациите што ги даде за структурите на ФЕТО во Газиантеп, Коња и во Ширнак, дозволено му е да се брани од слобода.
Како што изјавил тој, војниците на дното од хиерархијата на ФЕТО имале статус „ученици“, а потоа следувале „учители, заменици-директори, директор и генерален директор“.
„На пример, замениците-директори на учениците кои сакале да се женат им наоѓале соодветни кандидатки.Тоа го правеле надредени женски лица во структурата на ФЕТО. По процесот 17. – 25. декември било тешко да се пронајдат девојки што сакале да се омажат за војниците. Заменик-директорот со кодно име Мурат кажуваше дека порано можел да најде по 70-80 девојки кои сакале да се мажат, а оти потоа било тешко да се најдат дури седум или осум кандидатки“, изјави О.Б.
Тој додаде дека потоа им велеле сами да си пронајдат партнери, и оти дури и критериумите биле значително намалени.
„Инаку беше забрането да се ожениш со некој од надвор. Намалени се критериумите во пронаоѓањето на партнер. Рекоа дека е доволно да е конзервативен“, рече тој.
О.Б. истакна дека учениците што сакале да станат дел од Вооружените сили на Турција (ТСК) не биле евидентирани во образовните институции за да не бидат откриени.
Според неговите зборови, припадниците на ФЕТО го следеле напредокот на учениците што требале да одат во воени гимназии, дури од седмо одделение основно училиште.
„Учениците правеа тестови на крвта, па и на интелигенцијата. Учениците кои немаа добри резултати беа исфрлени од групата, а секоја група се состоеше од по три или четири лица“, изјави О.Б.
Тој додаде дека биле организирани часови по веронаука на коишто се зборувало за божјиот пратеник Мухамед и за неговиот живот, но и за Фетула Ѓулен. Тој истакна дека надредените машки лица во структурата на ФЕТО ги воделе часовите така што во потсвеста на децата ги вградувале принципите на ФЕТО, а тие за тоа не биле ниту свесни.
Кодните имиња биле многу раширени, а дури и под името „Роберто Карлос“ е отворен налог за претплата на весник.
„Имамот за регионот изјави дека сообраќајната полиција никако не го стопирала, бидејќи на видно место секогаш имал издание од весникот Заман“, изјави О.Б.
О.Б. додаде дека ги знаеле кодните имиња само на лицата што живееле во куќите на ФЕТО.
„За организацијата, да се заземат Вооружените сили на Турција беше како да се заземе државата. Поради тоа, тајноста во Вооружените сили на Турција беше од особена важност. Оние што требаа да станат дел од ТСК беа во одвоени соби, дури и одвоено јадеа“, изјави тој.
Тој додаде дека состаноците воглавно се организирале во куќите на наставниците и оти телефоните морале да бидат поставени на профил без мрежа.
„Возилата не се оставаа пред куќата каде што се одржува состанокот, туку неколку улици подалеку“, изјави О.Б., додавајќи дека припадниците на ФЕТО биле особено внимателни кога станува збор за телефонирањето.
О.Б. смета дека секој треба да стори сѐ што може за да се уништи ФЕТО и дека поради тоа раскажал сѐ што знае.