Amina Zorniç
24 Октомври 2016•Ажурирај: 25 Октомври 2016
ЊУЈОРК (АА) - Менаџментот на Фејсбук тврди дека во иднина нема да се отстрануваат пораките на корисниците кои се од јавен интерес, дури и ако таквите пораки ги кршат правилата на оваа најголема комерцијална куќа во светот, пренесува Anadolu Agency (AA).
По минатомесечните критики на поединци и организации за отстранување на одредени содржини, од Фејсбук велат дека пред да бидат отстранети, спорните пораки ќе се разгледуваат дали се важни за јавниот интерес. Според британскиот весник „Гардијан“, во заедничкото соопштение на потпретседателот на Фејсбук, Џоел Каплан и Џастин Ософск пишува дека содржините од јавен интерес ќе бидат достапни и нема да бидат отстранети, дури и во случај кога тие ќе ги прекршат правилата на социјалната мрежа.
Инаку, Фејсбук забранува на корисничките профили да се појавуваат закани, сексуално насилство, промоција на самоповредување, терористички организации, говорот на омраза на расна, етничка, национална, верска или сексуална ориентација, порнографија и друго.
Од компанијата велат дека тие ќе ги разгледаат пријавените случаи во однос на контекстот. На пример, во случаи на насилство и кршење на човековите права ќе се гледа дали содржината е објавена од садистички причини или да се подигне свеста за овие теми. Оваа реакција на раководството на Фејсбук дојде откако минатиот месец Норвешкиот весник „Афтенпостен“, со текст на Фејсбук ја објави и светски познатата слика со разголено девојче кое бега од напалм бомби во Виетнам.
Набргу по објавувањето, Фејсбук испрати мејл до норвешкиот весник со предупредување постот со навредлива фотографија да биде избришан, по што подоцна беше софтверски избришан. „Инцидент“ одекна во Норвешка, но и во светската јавност, а фотографијата потоа беше објавена на профилот на норвешката премиерка Ерна Солберг порачувајќи му на основачот Марк Цукерберг дека врши „цензура“ и „злоупотреба на својата моќ“.
Во знак на солидарност, илјадници Норвежани и високи претставници на земјата ја објавија истата фотографија.
Шерил Сандбер, главната оперативна директорка на Фејсбук, ѝ се извини на норвешката премиерка Солберг. Таа посочи дека компјутерскиот алгоритам тешко прави разлика помеѓу расоблечени деца на обичните фотографии и расоблечени деца на документарни фотографии.