Yusuf Hatip
02 Август 2016•Ажурирај: 03 Август 2016
ИСЛАМАБАД (АА) - Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу во Исламабад изјави дека пакистанскиот народ по обидот за државен удар му дал голема поддршка на турскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу се состана со пакистанскиот колега Сартај Азиз. Двајцата министри разговараа за билатералните односи и за регионални теми, но и за односот меѓу Пакистан и Авганистан.
Чавушоглу изјави дека поради поддршката на народот на Пакистан кон турскиот народ, Пакистан е првата земја што ја посетил по обидот за државен удар на 15 јули.
„Ги преземаме сите мерки против ФЕТО. Во минатото ги поддржувавме, но не ги знаевме нивните скриени и различни стремежи”, изјави министерот Чавушоглу по состанокот со Азиз.
На прашањето за мерките против терористичката организација ФЕТО во Пакистан, Чавушоглу изјави дека е сигурен дека Исламабад ќе ги поднесе потребните мерки и потсети дека ФЕТО претставува опасност за безбедноста на секоја земја во која дејствува.
„Работиме на тоа да се воведат одредени мерки кои нема да бидат на штета на родителите и учениците што следат настава во училиштата на ФЕТО во Пакистан, изјави турскиот министер додавајќи дека претходно на претседателот на Пакистан, Мемнун Хусеин му е врачен документ за активностите за терористичката организација ФЕТО во таа земја”.
Министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу, изјави дека пакистанските власти се добро запознаени со случајот и дека имаат волја да преземат неопходни мерки.
Запрашан за одлуката поврзана со вонредната состојба во Турција, Чавушоглу потсети дека и Франција по нападот во Париз минатата година вовела вонредна состојба, и укажа на тоа дека во Турција се случувале слични напади, но не била воведена вонредната состојба.
Чавушоглу рече дека со обидот за државен удар на 15 јули била загрозена безбедноста на земјата и нејзината демократија.
Новинарите го запрашаа Чавушоглу и за проблемот на Кашмир меѓу Пакистан и Индија, на што Чавушоглу одговори дека Турција, кога станува збор за Кашмир, ја поддржува позицијата на Пакистан.
Тој смета дека ова прашање може да се реши по дипломатски пат и со дијалог.
Турскиот министер нагласи дека се донесени одредени одлуки во врска со соработката со Пакистан на економски план и дека се надеваат оти до крајот на годината ќе биде потпишан договор за слободна трговија.
Азиз рече дека билатералните односи меѓу двете земји се цврсти и дека ја поздравиле волјата на народот покажана во обидот за државен удар на 15 јули.
Министерот за надворешни работи на Пакистан додаде дека сакаат да се зголеми обемот на трговијата меѓу двете земји и да се прошири на подрачјата на кои соработуваат.