Faruk Zorlu
05 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, синоќа со американскиот државен секретар, Мајк Помпео, разговараше за билатерални и регионални прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван дипломатски извор за АА изјави дека Чавушоглу и Помпео телефонски разговарале за односите меѓу Турција и САД.
Министрите, исто така, разговарале и за ситуацијата во Сирија со акцент на ситуацијата во Идлиб и Мунбиџ.
„Соговорниците се согласни дека секоја воена офанзива на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во Идлиб би била неприфатлива и дека би предизвикала нова ескалација на судирите во таа земја“, изјави доцна синоќа и портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.
Вчера руските воени авиони извршија жестоки напади во Идлиб и убија најмалку десет цивили.
Идлиб е сириска покраина која се смета за најголемо упориште и енклава на сириската опозиција. Речиси 4 милиони жители од тој регион веќе некое време стравуваат дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад би можеле да започнат нови напади.
Станува збор за регион од стратешко значење во кој новите судири би предизвикале голем бран бегалци кон Турција и Европа.