Furkan Naci Top
28 Август 2016•Ажурирај: 29 Август 2016
КРИТ (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, ѝ се заблагодари на Грција за поддршката и солидарноста искажана за време на неуспешниот обид за воен удар во Турција и додаде дека во Европа никој подобро од Грција и нејзиниот народ не може да ја разбере заканата со која Турција била соочена, јавува Anadolu Agency (AA).
На повик на грчкиот министер за надворешни работи, Коѕиас, турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, денес престојува во неофицијална посета на Крит, најголемиот грчки остров во Средоземјето. Двата министри во таа пригода одржаа и тет-а-тет состанок по кој кратко им се обратија на новинарите.
Истакнувајќи дека Турција и Грција имаат низа службени механизми на соработка, вклучувајќи ги и стратешките односи на највисоко ниво, Чавушоглу изјави дека двострана цел е билатералните односи дополнително да се интензивираат.
Денешната неофицијална посета Чавушоглу ја оцени како возвратена посета бидејќи и неговиот грчки колега на почетокот на оваа година на сличен начин бил гостин во Истанбул.
Осврнувајќи се и на неодамнешниот обид за воен удар во Турција, Чавушоглу ѝ се заблагодари на грчката Влада и нејзиниот народ на искажаната поддршка и сесрдната солидарност кон Турција и нејзината демократија во борбата против предавниците и пучистите.
„Турскиот народ е среќен поради јасната и недвосмислена поддршка од страна на Грција. Сите во Турција велат дека никој во Европа не може ни да ги разбере заканите со кои се соочува Турција подобро од соседна Грција и нејзиниот народ”, рече Чавушоглу.
Коментирајќи ги и преговорите за решавање на кипарското прашање, Чавушоглу изјави дека ги поддржува напорите кои моментално се вложуваат во правец на пронаоѓање на решение за кипарската криза. И шефот на грчката дипломатија Коѕиас истакна дека денешната средба на Крит била добра можност со турскиот колега да разговара за важните билатерални и регионални прашања.
„Постигнавме договор за вложување додатни напори за интензивирање на односите на полето на економија, транспортот и безбедносните мерки”, изјави Коѕиас.
Коѕиас најави дека со турскиот колега Чaвушоглу денес ја посетиле и пештерата Диктаион на Крит која уште се нарекува и пештерата на Зевс бидејќи во грчката митологија се смета за место на раѓање на Зевс.