Handan Kazancı
03 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска соопшти дека Турција ќе обезбеди заем во износ од околу 5 милијарди американски долари за реконструкција на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние направивме најголема заложба за Ирак“, рече Чавушоглу на состанокот организиран од Општина Бејоглу во Истанбул.
„Ќе обезбедиме кредит од 5 милијарди долари“, рече Чавушоглу, додавајќи дека турските бизнисмени ќе го искористат овој заем за нивните проекти во Ирак.
„Веќе започнавме со координирање на овие активности за реконструкција на Ирак“, додаде Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија додаде дека е подготвен да ги посети и ирачкиот главен град Багдад и Ербил, административниот главен град на Регионалната курдска управа на Северен Ирак. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе го посети Ирак по локалните избори во Турција закажани за 31 март.
Според Министерството за надворешни работи, во 2017 година Ирак бил четврт најголем извозен партнер на Турција.
„Обемот на билатералната трговска размена меѓу Турција и Ирак опадна во периодот од 2014 до 2016 година поради безбедносните проблеми во Ирак. Во 2017 година овој тренд е свртен во обратен правец и обемот на билатералната трговска размена се зголеми“, соопштија од Министерството, додавајќи дека Турција очекува обемот на трговска размена во наредните години да достигне над 12 милијарди долари.
Летото 2014 година, ДЕАШ го зазеде поголемиот дел од Северен и Западен Ирак.
По тригодишната војна, ирачката Влада кон крајот од 2017 година објави дека военото присуство на ДЕАШ во Ирак е завршено со помош на операциите поддржани од страна на меѓународната коалиција предводена од САД.