Admir Fazlagic
25 Август 2016•Ажурирај: 26 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Шест офицери на Армијата на Република Македонија денеска во Министерството за одбрана беа свечено испратени како новата ротација на припадниците на АРМ во рамките на германскиот контингент во Командата за обука, советување и асистенција „Север“ во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, соопшти Министерството за одбрана на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На испраќањето, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски рече дека Македонија е горда на своите мировници, кои во континуитет покажуваат исклучителни способности и вештини.
„Јас знам дека вие сте целосно подготвени, имате големо искуство и ќе ја прикажете нашата Армија во вистинско светло“, додаде министерот.
Тој посочи дека освен посветеноста на Македонија кон глобалниот мир, што е факт кој го препознаваат нашите сојузници, со учеството во мировните мисии Република Македонија и Армијата добиваат кадри кои се стекнуваат со нови искуства, нови вештини кои се пренесуваат на сите припадници на АРМ.
Во соопштението се наведува дека е исклучително значајно што учеството во оваа мисија има нов квалитет – Армијата на Република Македонија учествува со свои офицери во командите на мисијата во Авганистан.
Република Македонија во „Одлучна поддршка“ учествува со 39 припадници на АРМ.