Yunus Kaymaz
06 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - На последниот Гренд слем турнир сезонава, „УС Опен“ (US Open), во машка поединечна конкуренција, во полуфинале се пласираа Новак Ѓоковиќ и Кеј Нишикори, додека во женска конкуренција пласман во полуфиналето изборија Наоми Осака и Медисон Киз, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во американскиот град Њујорк се одиграа преостанатите четвртфинални натпревари од тенискиот турнир „УС Опен“.
Српскиот тенисер, кој на двапати во својата кариера го има освоено „УС Опен“, во четвртфиналето се сретна со Австралијанецот Џон Милман, 55. тенисер на светската АТП листа.
Дуелот што траеше 2 часа и 48 минути, 31-годишниот Ѓоковиќ го доби со резултат 3:0, по сетови 6:3, 6:4 и 6:4. Со оваа победа, Ѓоковиќ успеа по 11. пат едноподруго да се пласира во полуфиналето на овој престижен тениски турнир.
Во последната четвртфинална средба во машка конкуренција се сретнаа Јапонецот Кеј Нишикори и Хрватот Марин Чилиќ, седмопласираниот на светската АТП листа. Во мечот што траеше 5 сета, Нишикори извојува победа од 3:2, по сетови 2:6, 6:4, 7:6, 4:6 и 6:4 и се пласираше во полуфиналето на турнирот.
Ѓоковиќ и Нишикори ќе се сретнат во полуфиналето.
- Осака за првпат во полуфинале -
Во Њујорк се одиграа и четвртфиналните средби во женска конкуренција. Медисон Киз (23), минатогодишната финалистка на „УС Опен“, со резултат 2:0 ја совлада Шпанката Карла Суарез Наваро, по сетови 6:4 и 6:3, и избори пласман во полуфиналето.
Во другиот четвртфинален дуел, Украинката Лесја Цуренко со 2:0, по сетови 6:1 и 6:1 загуби од Јапонката Наоми Осака, 20. тенисерка на светската ВТА-листа, која со пласманот во полуфиналето на „УС Опен“ го постигна својот најголем успех на еден гренд слем турнир.
Во полуфиналето, Киз ќе игра против Осака.