СКОПЈЕ (АА) – Денес Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одржа јавна седница за две точки од дневниот ред од вкупно четири. На седницата беа усвоени заклучоците од приговорите од страна на дополнителниот замени-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, во врска со член 8-а од Изборниот законик и од Коалицијата за предвремени избори на пратеници во Собранието, предводена од ВМРО-ДПМНЕ за истиот член против СДСМ и коалицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на државната комисија за спречување на корупцијата, Фарија Алиу го претстави предметот број 12-47 16/1 од 28.11.2016 година, во кој се тврди дека повредата ја извршил министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со злоупотреба на својата службена положба и овластување. Според Алиу, наводите укажуваат на тоа дека на денот и по денот на донесувањето на решението за распишување предвремени парламентарни избори за пратеници во Собранието на Р. Македонија, министерот за внатрешни работи еднострано извршил распоредување и унапредување на лица вработени во министерството.
„Со приговорот се доставени и докази, и тоа: од 10 наредби за задолжување за извршување работи и задачи, 5 наредби недостасуваат, односно не се во прилог на документацијата додека 5 се, од кои 3 со датум 23. ноември 2016 година и 2 со датум 7. ноември 2016 година. Од 18 решенија за распоредување, во прилог вкупно се доставени 16 со приложена документација и носат датум од 18. октомври 2016 година“, изјави Алиу.
Таа додаде дека од доставените решенија се воочува оти на овие вработени во МВР им се исплатува зголемена плата, различна од редовните месечни исплати што ги примиле пред денот на донесувањето на решенијата за распоредување, а како што рече таа, со ова се предизвикуваат финансиски импликации, односно вонредни исплати од буџетот.
Алиу истакна дека од приложените докази, видна е повредата на одредбата од членот 8-а, став 1, алинеја 3 од Изборниот законик и не е почитувано мислењето од ДКСК, кое е доставено до МВР врз основа на нивно претходно барање потпишано од Андонов. Членовите на комисијата го изгласаа заклучокот од предметот, да се побара од Основното јавно обвинителство – Скопје да преземе мерки и активности за испитување на овој случај и да се достави повратна информација до ДКСК. Претседателот на ДКСК, Тантуровски го реферираше предметот бр. 12 – 47 17 од 28.11.2016 од приговорот на Коалицијата ВМРО – ДПМНЕ против коалицијата на СДСМ , општина Куманово, градоначалникот на општина Куманово и ЈКП при општина Куманово.
„Приговорот е поднесен за непочитување, односно повреда на одредбите од член 8-б од Изборниот законик. Воедно се наведува дека повредата ја извршиле вработени во ЈКП Куманово и претставници на политичката партија на СДСМ и коалицијата“, изјави Тантуровски.
Тој рече дека наводите покажуваат оти на денот и по денот на донесувањето на решението за распишување на изборите, вработените користејќи службени возила, пренесувале изборен и предизборен материјал за партиски цели на СДСМ и коалицијата. Тантуровски додаде дека со овие наводи, доставени се и фотокопии од фотографии, објава од текстови во медиуми и видеа како доказен материјал.
Комисијата донесе одлука да се достави документацијата до директорот на ЈКП Куманово и до градоначалникот на општина Куманово и да се побара од Основното јавно обвинителство – Скопје да преземе мерки и активности за испитување на наводите, а до ДКСК да достави повратна информација заедно со изјавите од горенаведените лица. На седницата, освен членовите на комисијата и претседателот Игор Тантуровски, учествуваа и овластените лица од страна на Оливер Андонов, односно државниот советник во кабинетот на Андонов, Стојан Кузев и Јана Илиева, државен советник за правни работи во неговиот кабинет, додека пак Коалицијата за предвремени избори предводена од ВМРО – ДПМНЕ ја претставуваше Илија Илиоски.
- Реакција на министерот Оливер Спасовски
Од друга страна, министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски денеска одржа прес-конференција на која ги објасни решенијата за распоредување на вработените во МВР.
„Единствените решенија за распоредување на вработени во МВР што ги имам донесено како министер за внатрешни работи се согласно член 44 став 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија кои предвидуваат дека министерот може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во Министерството и хоризонтални распоредувања, на вработени кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година", рече министерот Спасовски на денешната прес конференција.
„Нагласувам дека сите овие решенија за распоредување на работниците на конкретни работни места во Министерството се донесени пред денот на донесување на Одлуката за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија. Од друга страна, заради нормалното функционирање на Министерството за внатрешни работи и поради недостаток на работници во одредени организациски единици во МВР, после денот на донесување Одлука за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија се донесени Наредби со кои определени работници се задолжуваат да извршуваат работи и задачи од конкретни работни места каде се појавува недостаток од полициски кадар, за ограничен временски период од 30 дена", образложи министерот Спасовски.
news_share_descriptionsubscription_contact
