АНКАРА (АА) - НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ – Рускиот амбасадор во Анкара, Алексеј Јерхов, изјави дека политичкиот дијалог меѓу Турција и Русија се развива брзо и оти кога станува збор за билатералните и регионалните прашања, преземени се заеднички чекори, јавува Anadolu Agency (AA).
Јерхов кој должноста руски амбасадор во Турција ја извршува од јули оваа година, се состана со претставниците на медиумите, меѓу кои со заменикот генерален директор на АА, Метин Мутаноглу, со кој разговараше за билатералните и регионалните теми.
Претходно, тој беше амбасадор во Мароко, Египет, Израел и во Сирија.
Исто така, Јерхов беше и генерален конзул на Руската Федерација во Истанбул, во периодот од 2009 до 2015 година. Тој изјави дека за време на тие шест години имало тешки и убави периоди, и оти тоа биле најсреќните години во неговиот живот.
„Овој настан на ниво на нашето Министерство за надворешни работи, но и во целата земја беше дочекан со голема тага“, изјави Јерхов за атентатот на својот претходник, амбасадорот Андреј Карлов.
Тој изјави дека многу институции, но и граѓани на Турција изразиле сочувство и потсети на одлуките на турските институции да го овековечат споменот на починатиот амбасадор.
Амбасадорот Јерхов укажа на одлуката улицата во која се наоѓа амбасадата на Русија во Анкара да го носи името на амбасадорот Карлов и додаде дека моментално работи на договорот за збратимување на градот Клинци во областа Брјанск, од каде што потекнуваат предците на Карлов, и еден турски град.
Тој се осврна и на истрагата за атентатот на Карлов.
„Знаеме дека е во тек истрага што ја води турската страна. Исто така, познато ни е дека институциите што ја водат истрагата во Русија имаат блиска соработка со турските колеги. Сигурни сме дека конечните резултати по завршувањето на истрагата ќе бидат споделени со јавноста“, изјави Јерхов.
Тој изјави дека кога ќе се погледа на надворешната политика на Турција кон Русија, за него претставува чест и гордост што е именуван на позицијата амбасадор.
„Моменталната ситуација на односите меѓу двете земји дава надеж, но од друга страна, укажува дека е потребен сериозен напор за да се доведат на повисоко ниво. Моментално политичкиот дијалог меѓу двете земји е нешто што најбрзо се развива“, изјави Јерхов, кој додаде дека се интензивирани телефонските разговори меѓу претседателот на Руската Федерација и Република Турција.
Тој потсети и на големите проекти, меѓу кои се турскиот гасовод и нуклеарната централа „Акују“.
Јерхов истакна дека обемот на трговијата во последните неколку години, меѓу двете земји, од различни причини е намален, но трговските односи во општа смисла се развиле.
„Сметаме дека моментално, во трговијата меѓу двете земји постои значаен неоткриен потенцијал. Постојат полиња на кои можеме да развиеме соработка, нови вистински сектори“, изјави Јерхов.
Според неговите зборови, започнати се разговори за потенцијалната билатерална соработка во секторите во коишто претходно немало соработка и оти тоа дава надеж.
Тој укажа на заедничките преземени чекори и разговори кога станува збор за билатералните и регионалните прашања.
„Природно е на почетокот да се наоѓа Сирија. Во согласност со тоа, меѓу двете земји постои цврста координација. Постои многу добар однос во рамките на процесот во Астана. Темелна цел на процесот во Астана е на одредени подрачја во Сирија да се воспостави средина без судири. Тоа што нашите работи добро напредуваат е само причина нашите напори да бидат уште поактивни“, смета Јерхов.
Тој се осврна и на последните случувања во Сирија.
„Познато ни е дека ситуацијата во северниот дел на Сирија моментално е многу чувствителна и во согласност со последните случувања, доби чувствителен облик. Чувствителноста на оваа ситуација покажува дека треба да одиме кон јакнење на соработката меѓу Турција и Русија. Можете да бидете сигурни, во тек е процесот на дијалог“, додаде Јерхов.
Говорејќи за последната рунда од преговорите во Женева под надзор на Обединетите нации (ОН) Јерхов рече дека тоа е процес што тешко се управува.
„Можеме да го гледаме како процес кој е саботиран од десетици фактори“, изјави Јерхов.
Тој потсети дека во овој процес имало и напредување.
„Во најмала рака, страните почнаа да разговараат една со друга. Беше потребно да се продолжи овој процес. Нашите желби се во таа насока, да се продолжи во септември“, објаснува Јерхов.
За процесот во Астана тој изјави дека во моментот кога ќе запре конфликтот, ќе биде можно да се испорача хуманитарна помош и ќе се создаде можност за испорака на храна, лекови и други работи што му се потребни на населението.
„Целта е убава и вреди да се преземат чекори за да се постигне тоа“, рече Јерхов.
Амбасадорот истакна дека процесите од Астана и Женева не се конкуренција еден на друг.
„Затоа, секоја институција, организација и формација што може да придонесе за двата процеса, треба да бидат вклучени. Ако прашате зошто во Сирија немаше некои промени за 180 степени, ситуацијата е тешка, тоа е тешка средина. Постои метод на 'движење со мали чекори". Веруваме дека е исправно да се користи таа логика“, додаде Јерхов.