АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим, изјави дека турската економија се базира на цврсти темели, а стабилни се и темелите на банкарскиот систем, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим беше гостин на програмата на „ATV-A Haber“, за време на која зборуваше за претседателските и парламентарните избори кои во Турција ќе бидат одржани на 24 јуни.
Турскиот премиер потсети дека до изборите остана малку време, а се осврна и на ситуацијата во Измир.
Тој изјави дека најголемата грижа на младите во овој град е невработеноста во пораната возраст. Сепак, Јилдирим додава дека младите низ светот сè повеќе се грижат за сопствената иднина.
Потсети дека бројот на невработените млади лица во одредени европски земји е и до 50 отсто.
Смета дека енергијата на младите треба да се искористи за реализација на проектите кои ќе придонесат за раст и развој на Турција.
Потсети и на многу погодности за време на вработувањето, и истакна дека младите претприемачи три години не плаќаат данок, а платено е и здравственото осигурување и даноците на вработените.
И покрај тоа, смета дека овие чекори не се доволни.
Тој укажа и на можноста на основање стручни училишта во индустриските зони, што им овозможува на учениците теоретското знаење да го применат во практика.
- Турската економија е базирана на црвсти темели -
Додаде дека сите моментално се фокусирани на изборите, што не е добро за економијата на земјата.
„Секако, не сакаме да го изгубиме интересот за изборите, но потполното фокусирање на изборите може да предизвика губитоци на многу полиња. Моментално може да се слушне како на пазарот може да се види стагнација. Кога ќе погледнете што се крие зад таа стагнација, ќе видите дека не стои економски проблем, туку ставот на луѓето: ’Само да поминат изборите, па ќе видиме‘“, појасни Јилдирим.
Тој додаде дека на изборите не се фокусирани само граѓаните, туку и инвеститорите.
„Надворешните, глобални инвеститори го следат истиот принцип. Глобалните инвеститори дејствуваат по принципот: ’Ќе видиме по изборите‘. Постојаниот фокус на изборите за нашата економија не е поволен на среден и долг рок“, додаде Јилдирим.
Тој потсети дека оние кои се обиделе да ја фрлат Турција на колена, не успеале во тоа, дури ни кога станува збор за економијата.
„Брзо презедовме мерки, и перцепцијата која се обидоа да ја создадат над економијата, ја претворивме од негативна во позитивна“, додаде Јилдирим.
Тој изјави дека турските граѓани се свесни за она што се случува, поради што, на игрите врз економијата им дадоа име „Операција против Турција, Реџеп Таип Ердоган и врз Партијата за правда и развој“.
Тој порача дека Турците не треба да се грижат за економијата.
„Нашите граѓани треба да знаат дека турската економија се базира на цврсти темели. Темелите на банкарскиот систем се цврсти“, порача Јилдирим.
- „На северниот дел на Ирак имаме 11 привремени бази“ -
Тој се осврна и на случувањата во политичката историја на Република Турција до кои дојде во последните две години. Верува дека во иднина ќе има период за кој најмногу ќе се зборува и пишува.
Додаде дека Турција во овие две години се соочила со обид за државен удар, но дошло и до значајни промени кога станува збор за борбата против тероризмот.
Јилдирим додаде дека дејствуваат со мислата дека „од тоа зло нема да се ослободат сè додека постои продор однадвор“.
Потсети дека во согласност со одлуката за уништување на тероризмот во корен, покренати се операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во Сирија, односно активностите на северниот дел на Ирак.
Јилдирим истакна дека во Кандил постојат стратешки места за терористите и дека станува збор за подрачје на кое припадниците на терористичката организација ПКК придаваат големо внимание.
„На северниот дел на Ирак имаме 11 привремени бази. На подрачје од 400 квадратни километри се спроведени акции за ослободување од терористите, а нашите војници ги водат активностите“, изјави Јилдирим.
Турскиот премиер изјави дека поради војната во Сирија државата не може да ги спречи терористичките активности и дека е покрената операција, со цел гарантирање на безбедноста на луѓето и имотот, како и запирање на нападите на територијалната целовитост на земјата.
Тој смета дека не е доволна само борбата во рамките на земјата, туку дека и надвор од границите се заканува опасноста.
Кандил, Махмур и Синџар се најзначајните подрачја на кои се присутни ПКК и ПЈД/ПКК, а над нив се вршат транспорт на оружје и логистичка поддршка.
Турскиот премиер се осврна и на операциите во Кандил.
„Нема проблеми меѓу нас и Иран. Ова не е за шега. Со операцијата „Маслинова гранка“ направивме во Африн, со операцијата „Штитот на Еуфрат“ направивме меѓу Џарабулус и Азаз, ќе направиме и тука“, изјави Јилдирим.
Тој истакна дека не постојат несогласувања со Иран, кога станува збор за борбата против тероризмот и ПКК.
- Односите меѓу Турција и САД -
Зборувајќи за односите меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД), Јилдирим се осврна и на државниот удар, кој припадниците на терористичката организација ФЕТО се обидоа да го извршат во Турција на 15 јули 2016 година.
„Турција им кажа на САД дека организацијата ФЕТО го изврши овој подмолен обид за удар. Кажавме дека челникот на оваа организација престојува кај нив, и да го испорачаат“ потсети Јилдирим.
Тој посочи и на истражувањата, чии резултати покажуваат дека помалку од 20 отсто од Турците ѝ веруваат на Америка.
Запрашан за тоа каде ќе се повлечат вооружените елементи на ЈПГ по ослободувањето на Мунбич, Јилдирим изјави дека се повлекуваат источно од Еуфрат.
„Сè додека имаат оружје во рацете, ќе претставуваат закана за Турција. Нашата црвена линија, од каде и да доаѓа заканата надвор од нашите граници, е наша цел. Не ни е грижа кој што мисли“, порача Јилдирим.
Тој додаде и дека Турција сака нормализација на односите со САД, а се осврна и на соработката со оваа земја во Мунбич.
„Доколку САД дејствуваат во согласност со здравиот разум пред заканите на нашата безбедност и земја, доколку соработуваат со нас, нашите односи за кратко време ќе се нормализираат. Ќе бидат решени многу актуелни прашања“, изјави Јилдирим.