Ekipa
07 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
АМАН (АА) - Мандатарот на новата Влада на Јордан, Омар ал-Разаз, најави скоро повлекување од процедурата на спорниот предлог на новиот закон за даноците на доход, кој беше причина за повеќедневните протести во оваа блискоисточна земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Низ Јордан веќе осум дена траат масовни протести на граѓаните поради планот на Владата за воведување нови даноци за плати во рамките на мерките за штедење.
Во екот на демонстрациите во понеделникот оставка поднесе јорданскиот премиер Хани ал-Мулки, а кралот Абдула II за мандатар на новата Влада го назначи досегашниот министер за образование, Ал Разаз.
Формирањето на новата Влада се очекува следната недела, а Ал Резак денес во Аман оствари средба со челниците на Парламентот.
По состанокот се обрати и до новинарите и најави дека новата Влада, по преземањето на должноста од парламентарната процедура, ќе го повлече спорниот предлог за даночните реформи.
Тој денес треба да се сретне и со претставниците на јорданските синдикати.
Повод за длабоката политичка криза во Јордан е минатонеделната одлука на Владата на Јордан да воведе дополнителни даноци за сите вработени, чиј годишен приход надминува 8.000 јордански динари (11.200 долари). Планот за воведување дополнителен данок на плати ќе донесе нови 140 милиони долари во државната каса.
Протестите се проследени со големи безбедносни мерки, а демонстрантите, и по оставката на премиерот Ал Мулки, бараат целосно повлекување на даночните реформи, како и мораториум на зголемувањето на цената на електричната енергија, горивото и на други стоки.