АИ-уредот за откривање канцер на „Алибаба“ доби зелено светло од ФДА за побрз процес на одобрување
Моделот Дамо Панда веќе е влезен во клинички испитувања низ Кина. Во болницата во источниот град Нингбо, уредот прегледал 40.000 луѓе и идентификувал шест случаи на рак на панкреас во рана фаза

ИСТАНБУЛ (АА) – Уредот со вештачка интелигенција за откривање канцер од кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ доби зелено светло од американската Администрација за храна и лекови (ФДА), отворајќи го патот за забрзано разгледување и негово одобрување, пренесува Анадолу.
„Алибаба“ објави дека ФДА го нарекла „уред пресвртница“ моделот Дамо Панда на својата истражувачка група, објави денес „Саут чајна морнинг пост“.
Алатката со вештачка интелигенција, дизајнирана за откривање рак на панкреасот, за прв пат беше претставена во ноември 2023 година преку трудот објавен во списанието „Nature Medicine“.
Според студијата, моделот може да открие рак на панкреасот во рана фаза кај асимптоматски пациенти, што може да биде многу значајно, бидејќи местото на панкреасот длабоко во телото често го маскира присуството на ракот.
„Панда“ е модел обучуван на абдоминална компјутеризирана томографија (КТ) без контраст од 3.208 пациенти со рак на панкреас. Истражувачите од Академијата Дамо на „Алибаба“ објавија дека моделот покажал 34,1% поголем успех од радиолозите во идентификувањето на болеста.
Моделот Дамо Панда веќе е влезен во клинички испитувања низ Кина. Во болницата во источниот град Нингбо, уредот прегледал 40.000 луѓе и идентификувал шест случаи на рак на панкреас во рана фаза – меѓу кои два пропуштени за време на рутински прегледи, според „Алибаба“.
Академијата Дамо планира дополнително да го развие моделот со вештачка интелигенција во Кина и на меѓународно ниво преку соработка со компании како што е Анкон медикал технолоџис.