Barry Eitel
08 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Астрономите вчера објавија дека за првпат го набљудувале ефектот во којшто една ѕвезда ја искривува светлината емитирана од друга ѕвезда, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради ваквото искривување на светлината се чини како да ѕвездата деформирана од светлината да се поместила на небото. За астрофизичарите ова претставува огромен чекор напред, со кој се докажа тезата на Алберт Ајнштајн од 1936 година.
Сепак, Ајнштајн сметал дека овој феномен никогаш, всушност, не би можел да биде набљудуван од страна на научниците.
Со примена на теориите на Ајнштајн и снимките со висока резолуција направени со Hubble Space Telescope (вселенскиот телескоп Хабл на НАСА), научниците биле во можност да измерат далечна ѕвезда, бело џуџе, именувана Stein 2051 B. Тимот ја измери масата на оваа ѕвезда набљудувајќи колку ја искривува светлината на ѕвездите зад неа.
Ајнштајн го предвиде овој метод и го нарече „гравитациски микроленсинг“, но во 1936 година истакна дека поради големата оддалеченост на ѕвездите, овој феномен не би можел да се набљудува директно.
Но, технологијата во изминатите 80 години напредна мошне брзо и научниците сега се во можност во големите бездни на универзумот директно да ги набљудуваат теориите на Ајншајн.
Ајншајн, исто така, предвиде и бранувања во време-просторот наречени „гравитациски бранови“, кои дури неодамна беа набљудувани.
Меѓународниот тим кој стои зад ова откритие ги објави своите сознанија во списанието „Science“ (Наука).
„Ајншајн би бил горд“, вели Тери Освалт од Универзитет за аеронаутика „Ембри-Ридл“ во Флорида, кој е автор на придружен дел од студијата. „Едно од неговите клучни предвидувања помина низ многу строг набљудувачки тест. При набљудувањето на ѕвездите преку таканаречениот гравитациски микроленсинг, кога поблиската ѕвезда за нас минува точно помеѓу нас како набљудувачи и ѕвездата во заднина, тогаш се гледа совршен прстен од светлина, таканаречен Ајнштајнов прстен“, се вели во соопштението.
Ова откритие ќе им помогне на астрономите подобро да го мерат универзумот, сега кога знаат дека можат да ја пресметаат масата на ѕвездата врз основа на тоа како влијае на светлината од другите ѕвезди, дури и ако тие се далеку.