Emre Aytekin
03 Мај 2018•Ажурирај: 04 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Астрономите кои го користат телескопот Хабл, открија хелиум во атмосферата на егзопланетите WASP-107b, а ова е првпат тој елемент да биде откриен во атмосферата на планети надвор од Сончевиот систем, јавува Anadolu Agency (AA).
Тим на астрономи, предводен од докторантката Џесика Спејк од Универзитетот во Ексетер, Велика Британија, соопшти дека откритието ја покажува можноста од користење на инфрацрвениот спектар за проучување на атмосферата на егзопланетите.
„По водородот, хелиумот е втор најзастапен елемент во универзумот. Воедно е и главниот елемент во составот на планетите Јупитер и Сатурн во нашиот Сончев систем. Досега не знаевме дека хелиумот постои и во атмосферата на егзопланетите, иако во таа насока се спроведени многу истражувања“, рече Спејк.
За разлика од досегашната практика на истражување на егзопланетите со користење на спектарот на ултравиолетови и оптички бранови, Спејк и нејзините колеги почнаа да истражуваат врз основа на анализа на инфрацрвените спектри.
„Знаеме дека хелиумот се наоѓа во горните слоеви на атмосферата на Земјата и новата техника на истражување ќе помогне во понатамошните истражувања“, рече Спејк.
Егзопланетата WASP-107b е оддалечена околу 200 светлосни години од Земјата и спаѓа во редот планети со најмала густина. Иако е со големина на Јупитер, речиси деветпати е полесна од него.
Деталите од резултатите од ова астрономско истражување ги објави списанието „Nature“.