Ayşe Doğru
02 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Научниците евидентираа експлозија која што се случила пред 170 години во Ета Каринае, најсветлата и најголемата ѕвезда на галаксијата Млечен Пат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американската Национална администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) ја објави фотографијата од експлозијата пред 170 години во Ета Каринае, големата ѕвезда со супер маса, оддалечена 7.500 светлосни години од Земјата. Експлозијата е снимена со телескопот „Хабл“.
Во системот Ета Каринае, кој се проценува дека е 150 пати поголем од Сонцето, гасовите емитирани од експлозиите, кои започнале во 1840 година, се видливи и сјаат со црвена, сина и бела боја.
Од друга страна, научниците на фотографиите од експлозиите открија нов вид гас.
Натан Смит од Универзитетот во Аризона истакна дека за време на експлозијата била произведена многу голема маса на топол гас, кој не се мешал со масата што ја опкружувала ѕвездата, и се наоѓа таму каде што нормално би се очекувало да има празен простор.
„Овој екстра-гас е многу брз и има висока енергија“ рече Смит, додавајќи дека гасот дал значителен придонес во насока на тоа како започнала експлозијата.
Експлозиите што започнале пред 170 години во системот Ета Каринае, кој се состои од две ѕвезди кои орбитираат околу заедничка маса, придонеле тој да биде најсјајна ѕвезда на небото некое време. Ѕвездата долго време се користела од страна на морнарите за да ја најдат насоката кон која патуваат. Со текот на времето ѕвездата ја изгубила својата светлина и тешко можела да се види со голо око.
Вселенскиот телескоп „Хабл“, развиен заеднички од НАСА, Европската вселенска агенција (ЕСА) и Научниот институт за вселенски телескопи (STScl), од 1990 година спроведува вселенски набљудувања во орбитата на Земјата.