Seyhan Kırıcı
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
БАЛИКЕСИР (АА) - Луѓето своите дневни потреби од калциум можат да ги задоволат со половина литар млеко. Од аспект на количеството од овој минерал, тоа е еднакво на калциумот во 5 килограми месо, 6 килограми компир или во 8,5 килограми јаболка, јавува Anadolu Agency (AA).
Доцент д-р Рејхан Иркин, претседателка на одделот за прехранбен инженеринг при Универзитетот Баликесир во Турција, за новинарот на АА изјави дека човек, почнувајќи од 1-годишна возраст, дневното количеството на калциум може да го задоволи со 1/2 литар млеко.
Доц. д-р Иркин изјави дека калциумот што се добива од млекото е многу поздрав во однос на оној од останатите видови храна. Според доц. д-р Иркин, еден човек дневното количество на калциум може да го задоволи со две чаши кравјо млеко.
Таа во врска со лабораториските истражувања спроведени на оваа тема на Универзитетот во Баликесир рече:
„Често правиме истражувања и анализи од областа на прехранбениот инженеринг. Млекото и млечните производи се многу значајна храна, особено како извор на калциум. Калциумот го има и во другите видови храна. Дневното количество на калциум што едно лице треба да го внесе во организмот, освен во периодот на адолесценција, периодот на доење и бременост, изнесува 800 милиграми. Во 1/2 литар млеко има 500-625 милиграми калциум. Консумирајќи млечни производи, можеме многу лесно да ги задоволиме дневните потреби од калциум. И во гругите видови храна има калциум, како што се овошјето и месото, но искористеноста е мала“.
Доц. д-р Иркин изјави дека количеството калциум што организмот го добива од млекото, може да се добие со консумација на големи количества од други видови храна. „Потребното количество калциум што организмот го добива од 1/2 литар млеко може да се добие и со консумирање 5 килограми месо, 1,5 килограми морков, 6 килограми компир, 8,5 килограми јаболка или 2,5 килограми леб, што е речиси невозможно. И од аспект на сварливост храната, и од аспект на консумирање, млекото е многу подобар извор на калциум“, вели доц. д-р Иркин.
Таа истакнува дека млекото за човечкиот организам е значајно како воздухот и водата, и додаде дека покрај калциумот, млекото содржи и многу корисни витамини и минерали кои се важни за нормално функционирање на човечкиот организам.
Доц. д-р Иркин потсети дека е познато корисното влијание на млекото врз човечката мускулна структура, коскената структура и неговото големо значење од аспект на развојот на човечката интелегенција, па сѐ до зравјето на видот.
„Млекото содржи витамин Б, А, Д, Е, К. Овие витамини се многу значајни за нормално функционирање на човечкиот организам. Нивниот недостаток може да предизвика одделни проблеми во организмот. Лактозата што ја има во млекото е многу важен шеќер којшто го овозможува развојот на мозокот. Во исто време, витамините од групата Б се корисни за развојот на мозокот, додека витаминот А е значаен од аспект на здравјето на очите. Освен тоа, во млекото има и фосфор. Многу е поголемо искористувањето на фосфорот кога тој се консумира заедно со калциумот. Особено е важно храната што се консумира да има подеднаков сооднос на фосфор и калциум”, изјави доц. д-р Иркин.
Доц. д-р Иркин истакна дека е многу корисен проектот „Млеко за ученици“, што во Турција го спроведува Министерството за храна, земјоделство и сточарство, и додаде дека благодарение на оваа програма, децата уште од мала возраст стекнуваат навика да пијат млеко, што е многу важно за нивното здравје.