Amina Zorniç
02 Ноември 2016•Ажурирај: 03 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Новите истражувања покажуваат дека до 2030 година, смртноста кај жените од малиген рак може да се зголеми и до 60 отсто, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето беше спроведено од страна на организацијата Американско здружение за рак (American Cancer Society) и Лансет, организација која ги истражува ефектите на ракот на глобално ниво. Истражувањето беше претставено во Париз.
Според него, наведува „Гардијан“, до 2030 година би можело да дојде до драстично зголемување на заболувањата од рак кај жените, и тоа најмногу од рак на дојката.
Според истражувањето, до 2030 година на глобално ниво би можело да има околу 5,5 милиони жени заболени од рак.
Како што се наведува, бројот на дијагнози за рак на грлото на матката може да се зголеми за најмалку 25 отсто, односно за 700.000 заболени жени годишно до 2030 година.
Лансет наведува дека бројот на заболени може да се зголеми најмногу во земјите со ниски и средни приходи.
Од друга страна, пак, Американското здружение за рак тврди дека моментално во светот, секоја седма жена умира од последиците од рак, што е втората најчеста причина за смртност, по кардиоваскуларните болести.
Четирите најсмртоносни видови рак – ракот на дојката, на дебелото црево, на белите дробови и ракот на грлото на матката, воглавно можат да се спречат и рано да се откријат.
Во сиромашните, односно во средно развиените земји, се дијагностицираат и се третираат помал број случаи на рак, во споредба со економски помоќните земји.
Токму во сиромашните земји, наведува истражувањето, жените се изложени на ризични фактори, како што се физичката неактивност, нездравата исхрана, дебелината и репродуктивните фактори, вклучувајќи го и одложувањето на мајчинството.
Според податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот, само во 2012 година регистрирани се 6,7 милиони случаи на жени заболени од рак и 3,5 милиони смртни случаи меѓу жените, на светско ниво.
Од тоа, 56 отсто од смртните случаи се регистрирани во помалку развиените земји.
Најголема концентрација на жени заболени од рак има во Источна Азија, со 1,7 милиони случаи и еден милион смртни случаи во 2012 година, главно во Кина.
Земјите со највисока стапка на смртност се Зимбабве, Малави, Кенија, Монголија и Папуа Нова Гвинеја.
Глобалната заедница не може да продолжи да го игнорира овој проблем – стотици илјади жени умираат непотребно секоја година“, вели Ричард Саливан од Кралскиот колеџ во Лондон, кој е коавтор на извештајот на Лансет.
Според него, потребно е да се обезбеди подобар дијагностички и хируршки третман за сите жени во светот, со цел да се спречи нивната изложеност на болеста рак.