Dejan Maksimoviç
13 Февруари 2016•Ажурирај: 15 Февруари 2016
САРАЕВО (АА) - Најновата истражувачка студија, спроведена од страна на меѓународен тим на научници покажа дека 5,5 милиони луѓе годишно умираат прерано поради загадувањето на воздухот, јавува Anadolu Agency (AA).
Повеќето од овие смртни случаи се случуваат во земјите каде што економијата се развива брзо, како што се Кина и Индија. Главен виновник за ова е емисијата на ситни честички од електраните и фабриките, издувните гасови на возилата како и согорувањето на јаглен и дрво.
"Во Пекинг или Делхи кога се случува ден на големо загадување, бројот на малите честички познати како PM2.5, може да биде поголема од 300 микрограми на кубен метар. Дозволената загаденост е околу 25 или 30 мигрограма по кубен метар", објаснува еден од истражувачите од истражувачкиот тим од Институтот за здравствени ефекти од Бостон.
Вдишувањето на ситните честички може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар па дури и рак.
Додека развиените земји направија огромни чекори во решавањето на овој проблем во текот на изминатите неколку децении, бројот на луѓе кои умираат од загадување на воздухот во земјите во развој се зголемува.
Според студијата, загадувањето на воздухот предизвикува повеќе смртни случаи од другите фактори на ризик како што се неухранетост, дебелина, алкохол, дрога или сексуални односи без заштита. Затоа, загадувањето на воздухот е на четвртото место на најголемите ризици позади високиот крвен притисок, пушењето и диетите.