Metin Bolat
24 Јануари 2016•Ажурирај: 25 Јануари 2016
КОЊА (АА) - Лицата кај коишто е дијагностицирана сајберхондрија како проблем на однесување, при истражување на симптоми на болести преку интернет, може да се соочат со тешка депресија, јавува Anadolu Agency (AA).
Сајберхондријата е всушност компулзивен нагон за потрага по информации кои поради својата содржина предизвикуваат нови и преувеличени стравови за здравјето.
Професорот од Универзитетот "Selcuk" во Коња, Јавуз Селви, рече дека со истражување е утврдено дека скоро секое трето лице, информациите за симптомите на одредена болест ги бара преку интернет. На тој начин, обичната болка, испакнатината на телото и црвенилото го поврзуваат со СИДА-та, туморот и карциномот или со други тешки заболувања.
"Голем дел од времето поминуваат истражувајќи ги симптомите. Главоболките ги поврзуваат со туморот, а покачената температура со опасни заразни болести, што кај нив создава паника. На сè гледаат како на карцином, тумор на мозокот и СИДА", рече Селви.
Истакна дека лицата кои имаат сајберхондрија не им веруваат на лекарите, и кога ќе дојдат на консултации веќе имаат подготвени извештаи за болестите кои ги пронашле на интернет. На тој начин се обидуваат да го убедат лекарот дека тие навистина се болни, дури бараат и различни методи на лечење.
Тој додаде дека во последно време сајберхондријата е раширена и дека негативно влијае на расположението на пациентите, правејќи ги нервозни, загрижени и напнати.
"Лицата кои неуморно симптомите ги бараат во коментарите на форумите, навистина имаат проблем. Најмногу ги истражуваат карциномите и заразните болести. Малите предупредувања кои телото ги праќа, веднаш ги гледаат како нешто големо и сериозно. И покрај тоа што анализите и наодите кои ги прават не укажуваат на тоа, потврда за тешка болест наоѓаат на интернет. Понекогаш лицата силно веруваат во тешка болест, а потоа паѓаат во депресија бидејќи никој друг не им верува", додаде Селви, кој предупреди дека на тој начин лицата може да го прекинат контактот со секојдневниот живот и да изгубат волја, поради што е потребно е да побараат помош од психијатар.