Ata Ufuk Şeker
04 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот парламент (ЕП) го одобри законот со кој до крајот на 2024 година ќе биде задолжителна употребата на USB-C приклучоците за полнење во електронските уреди како што се паметните телефони, таблети и камери што се продаваат во земјите членки, јавува Агенција Анадолија (АА).
На седницата на Генералното собрание на ЕП одржана во Стразбур, се дискутираше за предлог-закон, кој има за цел стандардизирање на различните приклучоци за полнење на различни електронски уреди како USB-C, Micro USB и Lightning и намалување на електронскиот отпад.
Пратениците во Европскиот парламент го одобрија предлог-законот со кој ќе се воведе универзално полнење на паметните телефони со 602 гласа „за“ и 13 „против“. Според законот, USB-C ќе биде новиот стандарден приклучок за полнење.
До крајот на 2024 година, сите нови паметни телефони, таблети, дигитални камери, слушалки, преносни конзоли за видеоигри, звучници и тастатури ќе имаат USB-C приклучоци за полнење.
Затоа, еден полнач ќе може да се користи на различни електронски уреди, односно потрошувачите нема да мора да купуваат кабли и полначи за секој нов уред.
Исто така ќе се усогласат и системите за брзо полнење на уредите. Законот ќе се прошири и за лаптоп компјутерите во пролетта 2026 година. Овој чекор има за цел да го намали електронскиот отпад.
Откако законот ќе биде официјално одобрен од Европскиот совет, тој ќе стапи на сила по објавувањето во Службениот весник на ЕУ.