Gökhan Ergöçün
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул започна најголемиот фестивал за авијација, вселенска програма и технологија ТЕХНОФЕСТ, јавува Anadolu Agency (AA).
Домаќин на шестдневниот фестивал е Меѓународниот аеродром „Ататурк“ во Истанбул, а е заеднички организиран од Фондацијата „Технолошки тим на Турција“ (Т3) и Министерството за индустрија и технологија. Anadolu Agency е глобален комуникациски партнер.
Во своето обраќање на церемонијата за отворање, министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, изјави дека Турција поставила цел за производство на технологија.
„Овој настан ги проширува хоризонтите на турската младина и поставува нови цели за нив“, рече Варанк.
Тој, исто така, изрази уверување дека младите во иднина ќе дизајнираат најсовремени авиони, паметни градови и вселенски летала.
Селчук Бајрактар, претседателот на Т3, рече дека Турција забележала развој во многу области и ТЕХНОФЕСТ во Истанбул е местото за нивно покажување.
„Оваа година, на натпреварите за време на настанот ќе учествуваат 50.000 натпреварувачи од 122 земји во 19 области“, истакна Бајрактар.
Фестивалот ќе трае до 22 септември.
- ТЕХНОФЕСТ Истанбул -
На фестивалот ќе се одржат повеќе активности, како што се авијациски изложби, семинари, работилници, првенство со дронови, натпревари и концерти.
Луѓе од сите возрасни групи ќе учествуваат на натпревари за роботика, дизајн на мотори, електрични автомобили и друго.
Неколку компании и институции, како што е турскиот одбранбен гигант „Аселсан“ (Aselsan), Турската воздушна вселенска индустрија, производителот на беспилотно летало (UAV), „Бајкар“ (Baykar), производителот на дизел-мотори „Еринмотор“ (Erinmotor), одбранбената фирма СТМ, ќе се приклучат на настанот за да ги изложат своите производи, вклучувајќи ракети, воздушни возила, пронајдоци и беспилотни летала UAV-и.
Првото издание на фестивалот, чиј домаќин беше новиот аеродром „Истанбул“, минатата година го посетија околу 550.000 луѓе.
Оваа година, се очекува фестивалот да привлече еден милион луѓе.