Zuhal Demirci
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
ЛОНДОН (АА) – Студија спроведена во Велика Британија откри дека заспивањето помеѓу 22:00 и 23:00 часот може да го намали ризикот од срцеви заболувања, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во истражувањето на Универзитетот „Ексетер“ за поврзаноста на спиењето и кардиоваскуларните болести, испитани се 88.026 лица со просечна возраст од 61 година.
Истражувачите, користејќи уред што бил поставуван на зглобовите на луѓето на возраст од 43 до 79 години, од кои 58 проценти биле жени, собрале податоци за почетокот на спиењето и времето на будењето во текот на 7 дена.
Дополнително се спроведени и прашалници во врска со начинот на живот на учесниците, нивното здравје и физичките способности.
Подоцна, овие лица се следени за нови дијагнози на кардиоваскуларни болести, дефинирани како срцев удар, срцева слабост, хронична исхемична срцева болест, мозочен удар и минлив исхемичен напад.
Според резултатите од истражувањето објавени во списанието „European Heart Journal“ на Европското здружение за кардиологија (ESC), кардиоваскуларните заболувања се развиле кај 3.172 учесници (3,6 проценти), во период на следење од околу 6 години.
Студијата покажа дека ризикот од развој на срцеви заболувања е за 25 отсто поголем кај оние што заспиваат на полноќ или подоцна. Исто така, утврдено е дека овој ризик е „најмал“ кај оние што заспивале помеѓу 22:00 и 23:00 часот.
- „Раното или доцното одење во кревет го нарушува ритамот на телото во деноноќието“ -
Д-р Дејвид Планс од Универзитетот „Ексетер“ изјави дека резултатите сугерираат дека раното или доцното заспивање имаат негативни последици по кардиоваскуларното здравје.
„Телото има внатрешен 24-часовен часовник, наречен деноноќен ритам, што помага да биде регулирано физичкото и менталното функционирање. Иако од нашата студија не можеме да заклучиме за заемната поврзаност, резултатите сугерираат дека раното или доцното заспивање најверојатно може да го наруши телесниот часовник и има негативни последици по кардиоваскуларното здравје.“
Професорот исто така додаде дека најризичното време за заспивање е по полноќ бидејќи потенцијално може да ја намали веројатноста да се види утринската светлина.
„Нашето истражување покажува дека најдоброто време за заспивање е во одреден момент од 24-часовниот циклус на телото, а отстапувањата можат да бидат штетни за здравјето. Најризичното време за заспивање е по полноќ бидејќи потенцијално може да ја намали веројатноста за да се види утринската светлина.“