Biriz Özbakır
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Мерал Јуртсевер, професорка по инженерство за животна средина на Универзитетот „Сакарија“, Туркије, пронашла околу 13.000 микропластични честички во само една ќесичка чај потопена во вода, јавува Aгенција Анадолија (АА).
Микропластиката се ситни пластични честички кои се формираат со распаѓање во морињата и морските седименти и се загадувач на животната средина. Тие варираат помеѓу еден микрометар и пет милиметри и главно се невидливи со голо око.
Претходна студија од Холандија, објавена во март оваа година, покажа дека микропластиката за прв пат била пронајдена во човечката крв. Студијата во примероците крв откри ПЕТ (полиетилен терефталат) пластика, која е широко користена во шишињата за пиење, амбалажите за храна и производството на облека, полистирен што се користи за пакување храна и производи за домаќинството и полиетилен што се користи во пластичните ќеси.
Како дел од проектот на Институтот за научни и технолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК), Јуртсевер проучувала дали микропластиката се пренесува во чајот кога се готви од ќесички.
Во разговор за АА, Јуртсевер откри дека најмалку 13.000 микропластични честички поминуваат од филтер-кесичките чај во пијалакот.
„Овде, со техниката што ја користев во мојата студија, можеме да детектираме микропластични честички со големина до три микрометри. Со други зборови, можеме да кажеме дека околу 13.000 микропластични честички со големина меѓу три микрометри и пет милиметри се внесуваат во чајот“, додаде таа.
Јуртсевер рече дека седум од 11-те кеси што ги прегледала се направени од пластика и дека тие пластики се полиестер, полипропилен и полиетилен, додека четири биле од целулоза.
Укажувајќи дека ниту едно од својствата на пластиката не се менува дури и ако се распадне на мали парчиња, Јуртсевер нагласи дека проголтаната микропластика предизвикува токсични ефекти.
Понатаму, таа препорача да се користи чај што не е пакуван во филтер-ќесички наместо ќесички и додаде дека „би било подобро потрошувачот да се сврти кон производи кои всушност не содржат многу пакување“.
„Практичноста на ќесичките чај не може да се негира, но тие навистина можат да имаат лоши ефекти и да ги оптоварат не само луѓето туку и околината“, вели таа.