Bedrudin Brlyavac
18 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
ЛОНДОН (АА) - Истражување на Универзитетот „Свонси“ покажа дека популарното селфи (самослик) предизвикува нарцизам, пренесува Anadolu Agency (AA).
Резултатите од опсежната студија на познатиот британски Универзитет покажаа дека постојаното поставување селфи на социјалните мрежи може да предизвика нарцисоидно однесување.
Всушност, истражувањето покажало дека кај луѓето кои повеќепати објавуваат фотографии и видеоснимки на интернет, забележан е пораст на нарцисоидните особини за 25 проценти.
Истражувачите од Факултетот за психологија, во текот на четири месеци ги следеле активностите на 74 лица на познатите социјални мрежи.
Лорен Херис, познато телевизиско лице од Кардиф, истакна дека има потреба за селфи, со цел на своите следбеници на социјалните мрежи да им го покаже својот нов изглед, согласувајќи се дека селфито може да ги направи луѓето нарцисоидни.
„На социјалните мрежи поставив многу фотографии во текот на последните години, јас сум перфекционист“, рече Херис.
Нарцисоидното нарушување на личноста се карактеризира со зголемено чувство на самоуважување и единственост (вљубеност во самиот себе). Вредноста на сопствената личност, проследена со изразена егоцентричност, се нагласува нереално. Личноста често фантазира за неограничен успех, големи способности, супериорност, убавина, интелигенција, голема моќ или идеализирана љубов. Целта и функцијата на овие фантазии е да ја пополнат и заменат реалноста, како и амбициите кои не можат да се остварат.
Mеган Дју (20), британски модел, изјави дека селфито, иако служи за искажување претерана гордост, може да им помогне на луѓето повеќе да веруваат во сопственото тело.
Чарли Томас (24), блогерка од британскиот град Свонси, истакна дека селфито, исто така им помага на луѓето да се изборат со осаменоста и да пронајдат пријатели на социјалните мрежи.
Професорот Фил Рид, раководител на проектот, изјави дека ова истражување може да послужи и за превенција на настанувањето на нарцисоидни нарушувања кај луѓето.
„До оваа студија не беше познато дали на социјалните мрежи фотографии ставаат нарцисоидните личности, и дали користењето на такви платформи е поврзано со подоцнежниот пораст на нарцисоидноста. Резултатите од ова истражување сугерираат дека се присутни и двете појави, но покажуваат и дека поставувањето селфи на социјалните мрежи навистина може да доведе до зголемена нарцисоидност“, истакна Рид.
Во истражувањето учествуваа лица на возраст од 18 до 34 години, а поставенаи им се прашања за нивната перцепција на својата личност.