Esra Tekin
28 Август 2023•Ажурирај: 29 Август 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Четворица астронаути со капсулата на Спејс Икс „Кру Драгон“ пристигнаа на Меѓународната вселенска станица по еднодневно патување, пренесува Анадолу.
Капсулата, која го пренесуваше тимот од четворица астронаути за мисијата „Кру-7“, пристигнала на предвидената локација во 09:16 часот, соопшти НАСА на платформата X.
Во моментот на пристигнувањето и спојувањето, капсулата „Драгон“ и вселенската станица биле позиционирани на скоро 420 километри над Австралија.
Четворицата астронаути се лидерот на тимот Јасмин Могбели од НАСА, данскиот астронаут Андреас Могенсен од Европската вселенска агенција (ESA), Сатоши Фурукава од Јапонската агенција за аеровселенски истражувања (JAXA) и космонаутот Константин Борисов од Руската федерална вселенска агенција (Роскосмос).
Цел на мисијата е да се транспортира нов екипаж астронаути до вселенската станица за шестмесечна мисија, кој ќе ги преземе операциите од астронаутите на „Кру-6“ кои се во станицата околу 190 дена.
Астронаутите на „Кру-7“ во наредните пет дена постепено ќе ги преземаат операциите од астронаутите на „Кру-6“.
Капсулата „Кру Драгон“ беше лансирана од Вселенската станица „Кенеди“ во американската сојузна држава Флорида со помош на ракетата „Фалкон 9“ на компанијата Спејс Икс во 03:27 часот на 26 август.