Darren Christopher Lyn
27 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
ХЈУСТОН (АА) - НАСА синоќа успешно пренасочи астероид срушувајќи вселенско летало во него, со цел еден ден да ја спаси Земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тестирањето за пренасочување на двојниот астероид (ДАРТ) беше емитуван во живо од Американската вселенска агенција за да му го покаже на светот својот тест за планетарна одбрана во случај астероид да се најде на патеката на Земјата, во опасност од судир во иднина.
Намерната несреќа се подготвуваше седум години, при што НАСА бараше солуции да види дали може мануелно да пренасочи вселенска сонда да се судри со астероид и да ја помести неговата траекторија со цел да спречи потенцијално катастрофален судир со Земјата.
„Тоа беше неверојатно, нели? рече одговорниот научник на ДАРТ, Ненси Чабот, неколку моменти откако леталото успешно се судри со астероидот.
Мисијата ДАРТ беше лансирана минатиот ноември од вселенската база „Ванденберг“ во Калифорнија, САД. Синоќа, контролорите на мисијата мануелно го контролираа вселенското летало за да го насочат кон астероидот наречен Диморфос оддалечен 10,5 милиони километри во длабоката вселена.
Вселенското летало удри во астероидот со брзина од 15.000 милји на час (24.140 км на час) а специјални камери од италијанска вселенска сонда го снимија космичкиот удар.
„Ова беше навистина тешка технолошка демонстрација, удар во мал астероид што досега не сме го виделе, и тоа на таков спектакуларен начин“, рече Чабот.
НАСА соопшти дека целта не била да се уништи астероидот, туку да се види дали може мануелно да се одврати од удар со планетата ако научниците однапред увидат дека астероидот е на курс за судир со Земјата.
Научниците сега ќе ги соберат снимените податоци од ударот користејќи телескопски снимки од падот за да видат каква разлика направил ударот во пренасочување на траекторијата на астероидот.
Според НАСА, ниту еден познат астероид поголем од 137 метри нема значителни шанси да удри во Земјата во следните 100 години.