Yavuz Aydın
05 Мај 2023•Ажурирај: 06 Мај 2023
АНКАРА (АА) - Објавени се првите пробни фотографии направени од новиот европски метеоролошки сателит Метеосат-12, пренесува Анадолу.
Како што јави „Би-би-си“, објавено е дека сателитот, кој е лансиран во вселената во декември 2022 година, се наоѓа во орбита од 36.000 километри над екваторот, и дека започната е фазата на тестирање, чие завршување е планирано за оваа година.
Нагласено е дека кога Метеосат-12, по завршувањето на тестирањето, ќе започне со презентирање на податоците што ги добил до метеоролошките агенции, можностите за временска прогноза ќе се издигнат на повисоко ниво.
Напоменато е дека благодарение на сателитот ќе се подобрат можностите за предупредување за вонредни и опасни ситуации, а силните ветрови, молњите, градот или обилните врнежи што можат да зафатат одредена област, таканаречената „моментална прогноза“, можат да се предвидат со поголема прецизност.
Ќе може да се „видат“ и помалите карактеристики на атмосферата, до 500 метри во пречник, како и во поголемите бранови должини. Националните метеоролошки агенции ќе добиваат многу повеќе податоци благодарение на овој сателит.
„Сега можеме да добиеме многу прецизни слики“, рече Јохен Грандел од „Еврометсат“ (Eumetsat), меѓувладина организација која управува со европските метеоролошки сателити.
Со оглед на тоа што Метеосат-12 е „стационарен орбитален сателит“, тој ќе биде постојано во иста позиција и ќе ги следи временските услови низ Европа, Блискиот Исток и Африка.
Се наведува дека сателитот ќе испраќа фотографии од временските системи на површината на Земјата на секои 10 минути, пет минути побрзо од неговите претходници.
Наташа Стрелец од „Еврометсат“, инструкторка по метеорологија, рече дека благодарение на поголемата резолуција, Метеосат-12 ќе може да детектира магла дури и во многу тесните долини.
Напоменато е дека од завршувањето на тестирањето на сателитот, на почетокот на 2024 година, националните организации како британските, француските и германските метеоролошки заводи би можеле да почнат со користење на информациите обезбедени од Метеосат-12.
Европа лансира свои метеоролошки сателити во вселената од 1977 година. Метеосат-12 претставува трета генерација метеоролошки сателити.