Arife Yıldız Ünal
26 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
АНКАРА (АА) - Арифе Јилдиз УНАЛ
Претседателот на Здружението на бизнисмени за мобилни услуги (MOBİLSİAD), проф. д-р Керем Алкин, рече дека во светот, во периодот 2015 - 2017, просечно на секои 40 секунди една фирма била жртва на напад со компјутерски вирус, со цел да се изнуди откуп.
Проф. Алкин, врз основа на последниот меѓународен извештај, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за последната состојба во киберкриминалот и безбедносните апликации на тоа поле.
Алкин истакна дека според пресметаното, штетата што им е нанесена на компаниите и домаќинствата од целиот свет, заклучно со 2015 година, изнесува 3 трилиони долари: „Се претпоставува дека поради киберкриминалот, годишната економска загуба на компаниите и домаќинствата, заклучно со минатата година, достигнала вредност од 3,5 трилиони долари.“
Поради киберкриминалот, Алкин посочи дека заклучно со 2020 година постои ризик да биде претрпена загуба од 6 трилиони долари, додавајќи дека илегалните организации остваруваат поголеми добивки од киберкриминалот и дека тие организации се свртени кон киберпросторот поради ниските трошоци.
Алкин изјави дека е потребно да му се придаде поголемо значење на ова прашање и ја истакна потребата од распределување на повеќе ресурси.
Осврнувајќи се на „Cyber ransomware“ (киберсофтверот за откуп), проф. Алкин рече „Во САД, само минатата година е голем бројот на луѓе кои поради кликнување на погрешен линк станале жртва на киберсофтвер за откуп. За спас од тоа, луѓето на киберкриминалците им исплатиле 1 милијарда долари, додека на светско ниво, таа сума достигна 5 милијарди долари.“
- Големи се димензиите на киберзаканата
Проф. Алкин, во врска со заканите на киберкриминалците на глобално ниво, изјави „Во периодот 2015 - 2017 година во бизнис-светот во просек една фирма беше напаѓана на секои 40 секунди со компјутерски вирус за откуп. Се претпоставува дека оваа година овие напади ќе зачестат и дека една фирма ќе биде нападната со компјутерски вирус за откуп на секои 14 секунди.“
Алкин додаде дека на светско ниво се очекува во 2020 година бројот на смарт-уредите, преку кои може да се пристапи на интернет, да изнесува 200 милијарди. „Се очекува компаниите и домаќинствата до 2020 година за одржување на секојдневниот живот да користат 300 милијарди шифри.“
Алкин информираше дека само за заштита на информации годишно се трошат 100 милијарди долари на кибербезбедност. Истакна дека за спречување на кибернападите кои би биле причина за економска загуба во висина од 6 трилиони долари, се очекува трошоците да достигнат вредност од 1 трилион долари.