Firdevs Yüksel
29 Ноември 2018•Ажурирај: 30 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Руската корпорација за нуклеарна енергија „Росатом“ тестираше технологија дизајнирана да им го продолжи животниот век на реакторите со голем капацитет за 15 до 30 години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според компанијата „Росатом“, таа е прва компанија која го тестира процесот на жарење. Овој тест на жарење е изведен во средината на овој месец на првата единица на VVER-1000, реакторот со голем капацитет од нуклеарната централа „Балаково“, која се наоѓа на 900 километри од Москва.
Технологијата на жарење, дизајнирана од руските научници од Националниот истражувачки центар на Институтот „Курчатов“, овозможува продолжување на работниот век на реакторите со употребата на топлотната постапка која ги обновува физичките параметри на металот во реакторот.
Технологијата треба да ја спречи и емисијата на дури 7,8 милијарди тони јаглерод диоксид и да ја зајакне безбедноста и економските перформанси на нуклеарните централи.
Компанијата нагласува дека проектот, исто така отвора финансиски прифатливи можности за продолжување на работниот век на голем број застарени едногигаватни реактори низ светот.
„Денес во светот има околу 37 VVER-1000 [реактори]. Жарењето [на реакторскиот сад] е нова, и во моментов, единствена технологија во светот која овозможува продолжување на животниот век на реакторот. Оваа технологија ќе биде достапна за извоз“, изјави извршниот директор на „Росатом“, Алексеј Лихачев.
„Долгогодишната работа на реакторите од VVER типот под нутронска радијација доведува до идеградација на металните својства во садовите за притисок на реакторите. Тоа го ограничува работниот век на целата нуклеарна централа“, рече Михаил Коваљчук, челникот на Институтот „Курчатов“.
Тој додаде дека научниците ја развиле и ја патентирале технологијата на жарење на садовите на нуклеарните реактори VVER-1000, што може да се адаптира и за реактори модерирани со вода од какви било изработка и капацитет.
„Тестирањето на обновувањето со жарење на садот на првата единица од нуклеарната централа „Балаково“ беше спроведено во средината на овој месец. Тоа доведе до обновување на структурата и механичките својства на металот на садот под притисок до својата оригинална состојба. Според резултатите од жарењето, работниот век на садот на овој VVER-1000 реактор е продолжен за 15 години“, додаде тој.
Во соопштението на компанијата се наведува и дека сите технички податоци добиени во текот на процесот ќе бидат собрани во извештај и предадени на рускиот национален регулатор „Ростекнадзор“ за одобрување.