Riyaz Khaliq Khaliq
15 Декември 2023•Ажурирај: 18 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денес го објави лансирањето на третото вселенско летало за повеќекратно користење, кое треба да спроведе различни тестови додека е во орбитата пред да се врати на Земјата по „одредено време“, пренесува Анадолу.
Државниот совет, Кабинетот на Владата на земјата, преку соопштение истакна дека ракетата-носач Лонг Марч-2Ф од домашно производство полетала синоќа од центарот за лансирање сателити „Џиукван“ во пустината Гоби, носејќи го вселенското летало за повеќекратно користење.
„Вселенското пробно летало за повеќекратно користење ќе оперира во орбитата одредено време пред да се врати на планираното место за слетување во Кина“, се вели во соопштението.
„За време на операцијата во орбитата, вселенското летало ќе спроведе верификации на технологии за повеќекратно користење и вселенски научни експерименти, со цел да обезбеди техничка поддршка за користење на вселената за мировни цели“, се додава во соопштението.
Двете претходни мисии на вселенското летало беа лансирани во 2020 и 2022 година.
Тајванското Министерство за одбрана доцна синоќа соопшти дека го детектирало кинеското лансирање и наведе дека тоа не претставува „никаква закана за нас бидејќи траекторијата на летот била кон Источното Кинеско Море и западниот дел на Тихиот Океан.