Gökhan Ergöçün
08 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Хакери од над 130 земји од светот ќе ги претстават своите вештини во рамките на првиот фестивал за технологија во Турција, „Teknofest Istanbul“, јавува Anadolu Agency (AA).
На натпреварот се очекува да учествуваат илјадници хакери од 132 земји, а говор ќе одржат добро познати експерти.
„Вештините на хакерите ќе бидат предизвикани преку сценарио за реален кибернапад подготвен според најголемите светски екперти“, се вели во соопштението на фестивалот.
Натпреварувањето ќе биде следено од страна на Европската организација за кибербезбедност (ECSO) и од Министерството за наука и технологија на Романија.
На победниците, на второ и третопласираните тимови ќе им бидат доделени награди од 15.000 долари, 10.000, односно 5.000 долари.
Победниците ќе ги добијат наградите од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Четиридневниот фестивал ќе започне на 20 септември на просторот на третиот истанбулски аеродром и ќе вклучува меѓу останатото и авиошоуа, авијациски демонстрации, натпревари по технологија во 12 различни категории, семинари за најсовремените технологии, и самит за меѓународно претприемништво.
„Teknofest Istanbul“ ќе се одржи во организација на Фондацијата на технолошкиот тим на Турција и Општина Истанбул, со цел промовирање и презентирање на брзиот технолошки напредок на Турција.
Настанот ќе го поддржат над 20 партнери, вклучувајќи владини тела, приватни компании, високошколски институти како и Корпорацијата на турската радио и телевизија и Anadolu Agency (АА).